Добивка од 31,2 милиони денари за БИМ од Свети Николе

75

bim sveti nikole

Компанијата БИМ од Свети Николе, во период од први јануари до 31-ви декември, прикажа вкупна сеопфатна добивка од 31.211.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

“Искажаната добивка е резултат на зголемената побарувачка и реализација на производите на БИМ од Свети Николе, т.е. зголемените приходи и намаленото учество на трошоците во вкупните приходи“, се вели во Образложението кон билансот на успех.

Компанијата БИМ 2014 година ја заврши со добивка во висина од 3.320.000 денари.

Вкупните приходи од продажба на крајот на минатата година достигнаа 307.002.000 денари. Од нив 122.820.000 денари се остварени на домашен пазар, а поголемиот дел од 184.182.000 денари е реализиран на странски пазари.

“Остварените приходи од продажба изнесуваат 307.002.000 денари и тие се за 25% поголеми во споредба со приходите од продажба остварени во 2014 година, кога изнесуваат 245.186.000 денари. Приходите од домашниот пазар учествуваат со 40%, додека од странските пазари со 60%“, стои во Образложението.

Од друга страна, расходите во 2015 година изнесуваа 263.670.000 денари и како што се наведува се поголеми за 15% во однос на истите од 2014 година, кога изнесуваа 229.711.000 денари.

Главна дејност на компанијата е производство на материјали за хидроизолација на база битумен. БИМ од Свети Николе е единствен производител на битуменски хидроизолациони материјали во Македонија.