Над 110 ресторани и кафулиња во Скопје редовно ја собираат својата, пред сè стаклена амбалажа, во посебни канти на Пакомак, коишто потоа се рециклираат, наместо да завршат на депонија.
Станува збор за општествено одговорни угостителски објекти коишто се вклучени во проектот на Пакомак Are You Recycling и коишто ја имаат поставено таблата Еко ресторан или Еко – кафуле. Угостителски објекти коишто ги следат еколошките барања и потреби на поширокото општество, а посетителите тоа го ценат и ги наградуваат со својата лојалност. Со цел да им оддаде признание на најдобрите според количините на стакло кои ги селектирале, Пакомак ги избра најдобрите 10 еко угостителски објекти во Скопје, и тоа по пет од секоја категорија. Еко ресторани се: Русија, Дојрана, Пелистер, Барбакан и Градина и еко кафулиња: Ба Ду, Бар Конак, Кватро, Палма и Ла петит.
Со овој еко проект на Пакомак над 35 тони стаклени шишиња месечно се собираат и се носат на рециклирање. Тоа значи над 80.000 шишиња месечно коишто повторно ќе се преработат и станат шишиња, со минимално можна потрошувачка на енергија и загадување на околината. Активност којашто можеби претставува мал напор на угостителите за селекција на отпадот, но од тоа голем бенефит има пошироката заедница.
Повеќето од овие еко ресторани имаат и модерни плински скари со вулкански камења, уредно го собираат употребуваното масло за готвење од фритезите и го предаваат на специјализирани компании што го преработуваат, наместо истото да заврши во канализациски канали и да ги загадува подземните води, со што дополнително придонесуваат кон заштитата на животната средина.
“Во 2016 година имаме за цел над 150 угостителски објекти во Скопје да го селектираат својот отпад и уште толку низ другите градови на земјава. Над 2 милиони стаклени шишиња да се рециклираат од угостителството и уште толку од домаќинствата. Иднината на успешните угостители не е само во квалитетот на услугата што ја нудат, туку и во нивната одговорност кон зачувување на средината во која работат, одговорност кон општеството во кое живеат и заработуваат. Македонија мора да стане земја со развиена еколошка свест и модерно управување со отпадот кој го создаваме”, изјави Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.