Македонски Телеком ќе исплати дивиденда од над 1,4 милијарди денари

52

telekom

Македонски Телеком на своите акционери ќе им исплати дивиденда од 1.474.683.110 денари, којашто претставува нето добивка остварена по финансиските извештаи на компанијата за 2015 година, стои во Предлог одлуката за исплата на дивиденда и утврдување на дивиденден календар, објавена на Македонска берза.

Бруто износот на дивиденда по акција е 17,09 денари.

Акционери кои имаат право на дивиденда за 2015 година според датумот на пресек на акционерската книга е 06.05.2016 година.

Последен ден на тргување со право на дивиденда, како што се наведува, е 03.05.2016 година. Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2015 година е 04.05.2016 година.

Исплатата на дивидендата, како што стои во Предлог одлуката, ќе се изврши до 30.09.2016 година.

Македонски Телеком, исто така, донесе Предлог одлука за распределување на задолжителната општа резерва на компанијата.

“Собранието на друштвото го распределува износот од 279.145.260 денари, којшто ја надминува законски задолжителната општа резерва на компанијата, заради присоединување на Т – Мобиле Македонија кон Македонски Телеком АД Скопје во акумулирана добивка на друштвото“, стои во Предлог одлуката.