Генералниот директор на винарската визба Тиквеш, Игор Илиевски учествуваше на пролетниот Вивалди форум за генерални директори, којшто традиционално седма година по ред, го организира престижната школа за менаџмент во Мокра Гора, Србија, стои во соопштението.
Илиевски беше панелист во дебатата посветена на регионалните економски перспективи со наслов Од Вардар, па до Триглав, на којашто учествуваа повеќе главни и извршни директори од компании кои имаат раширени бизнис операции во рамки на целиот Западен Балкан.
“Единствената перспектива за приклучок на регионот кон глобалните економски текови лежи во неговото економско обединување. Доколку како компании и брендови се ограничиме само на пазарите во сопствените земји, ги губиме сите можности за долгорочен одржлив раст и напредок. Затоа Тиквеш континуирано ги истражува потенцијалите за вложувања во специфичните вински ’тероари’ во регионот, а заинтересирани сме и за можни инвестиции во други сродни индустрии“, вели генералниот директор на Тиквеш, Игор Илиевски, објаснувајќи го регионалниот пристап на најголемата македонска винарница.
“Ние во Тиквеш, пазарите на земјите во регионот отсекогаш сме ги третирале како и домашниот пазар. Подеднакво се посветуваме и во Белград и во Загреб, како и во Подгорица и Сараево. Токму овој пристап ја прави Тиквеш една од водечките винарници во регионот, која со гордост може да каже дека станува препознатлива и во светски рамки“, потенцираше Илиевски.
На годинешниот пролетен бизнис форум што се одржува во Мокра Гора, сместена во живописните предели на планината Златибор во Србија, се дискутираше и за новите глобални бизнис трендови, како и за значењето на претприемачките иницијативи и промените во бизнисот. Во рамки на самитот предавање одржа и д-р Асле Тоје од Нобеловиот институт од Осло, Норвешка, кој говореше за местото на Европа во новиот светски геополитички поредок, како и познатиот режисер Емир Кустурица кој зборуваше за улогата на елитата во просперитетот на општеството.