Макпетрол проектира добивка пред оданочување од 237,4 милиони денари за 2016 година

42

makpetrol

Управниот одбор на Макпетрол го усвои Планот за работа во 2016 година, според којшто компанијата очекува да оствари добива од работењето пред оданочување во 2016 година во износ од 237,4 милиони денари.

“Друштвото очекува да го подобри остварениот позитивен финансиски резултат во 2015 година, во висина од 32,1 милиони денари и да оствари добива од работењето пред оданочување во 2016 година во износ од 237,4 милиони денари“, стои во Планот објавен на Македонска берза.

Од Макпетрол очекуваат да продолжи трендот на зголемување на количествениот промет на енергенси, како и намалување на вкупните приходи и расходи и покрај очекуваното зголемување на продажбата на количествата на енергенси, поради тоа што се очекува намалување на просечните цени на енергенсите во 2016 година во однос на просечните остварени во текот на минатата година.

Позитивниот финансиски резултат, како што се наведува, се очекува да резултира со натамошно подобрување на ликвидноста на компанијата и со намалување на кредитната изложеност кај деловните банки, во планиран износ од околу 450 милиони денари.

Компанијата планира да го продолжи и трендот на инвестирање, во прв ред во изградба на нови бензински станици, реконструкција и модернизација на малопродажните и големопродажните објекти како и во стручно усовршување на вработените.

“Друштвото планира да врши продажба на имот коишто не се користат, како и на имот коишто припаѓаат на неенергетските дејности и коишто во вршењето на својата дејност не покажуваат рентабилност во подолг временски период. Во однос на бројот на вработени се планира намалување за околу 15 вработени и тоа според принципот на редовно пензионирање и вработување на помалкуброен, но млад, образован и стручен кадар“, стои во Планот за работа на Макпетрол за 2016 година.