Доделени сертификати на инженери и архитекти за Згради со енергија близу до нула

40

NZEB sertifikati

Околу 30 дипломирани инженери и архитекти, официјално, добија сертификат за завршен тренинг курс за Згради со енергија близу до нула – NZEB.

Со овој сертификат, учесниците на курсот добиваат вештини во подрачјето на енергетската ефикасност и интегрирањето на обновливите извори на енергија во реновирање на постојните згради. На доделувањето на сертификатите, професор д.р Мери Цветковска од Градежниот факултет во Скопје, рече дека климатските промени предизвикани од енормни количества стакленички гасови, како и задоволувањето на енергетските потреби, се едни од основните теми и предизвици на современото општество.

„Се почесто го слушаме терминот „одржлив развој“ како нова парадигма која треба да донесе спас на човештвото и зачувување на планетата. Мерките за намалување на влијанијата врз климатските промени и намалувањето на употребата на фосилните извори на енергија се процеси што имаат карактер на ургентност. Европската стратегија за одржив развој е јасна и едноставно прикажана со „Енергетската триада“ 3×20 и барањата до 2020 година за 20% да се намали потрошувачката на енергија и емисијата на јаглен диоксид, како и за 20% да се зголеми употребата на обновливи извори на енергија“, рече Цветковска.

Според неа, бидејќи 40% од вкупната потрошувачка на енергија отпаѓа на објектите, со радикални промени во урбаниот развој, во начинот на кој се проектираат, градат и реновираат објектите, може многу да се влијае на намалување на потребите за енергија и на зголемено користење на обновливи извори на енергија, а со самото тоа и на креирањето одржлива иднина на објектите и градовите.

Вонредниот професор од Архитектонскиот факултет во Скопје, д-р Ана Тромбева-Гаврилоска потенцира дека кај луѓето сè повеќе расте совеста за опасностите што ги носи зголеменото загревање на атмосферата и загадувањето на животната средина како последица на прогресивниот раст на потрошувачката на енергија, воглавно добиена од фосилните горива.

„Воведувањето на енергетското сертифицирање на зградите во македонското законодавство и поделбата на зградите во различни енергетски класи, зависно од нивната годишна потрошувачка на топлинска енергија за греење, носи низа клучни промени во архитектурата и градежништвото. Тие имаат важна улога за подигнување на стандардите во процесот на проектирање и градба на згради, како и во постапката на осмислување на современ енергетски концепт на новите згради, што би довело до намалување на енергетската потрошувачка во секторот градежиштво, кој е воедно и најголем поединечен потрошувач на енергија“, рече Тромбева – Гаврилоска.

Целта на проектот МENS, како дел од Европската програма ХОРИЗОНТ 2020, е подигнување на свеста кај инженерите-проектанти за ефикасна потрошувачка на енергија, како и поттикнување на примена на економски исплатливи, енергетски ефикасни технологии, материјали и услуги, со што директно се влијае на намалување на потрошувачата на енергија и намалување на емисијата на стакленички гасови.

Овој тренинг курс го организира „Форумот за енергетски професионални вештини (MEnS)“ за да се забрза прилагодувањето на ревидираната Директива на ЕУ за енергетските перформанси во зградите (EPBD), која ја вклучува обврската сите јавни загради кои ќе бидат изградени по 31.12.2018 и сите згради кои ќе бидат изградени по 31.1.2020 да го исполнат стандардот EPBD NZEB. Официјално, сертификатите беа доделени на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.