Одржливото градежништво – заштеда на пари и можност за вработувања

37

IMG_4908

Потрошувачката на енергија во резиденцијалните и канцелариските простори изнесува 40% од вкупната потрошувачка на енергија во Македонија, со што секторот одржливо градежништво добива дополнителна атрактивност за инвестирање, стои во соопштението.

Според истражувањето на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, секторот одржливо градежништво е сектор со голем потенцијал за вработување и генерирање приходи. Работилницата која се одржа под покровителство на програмата, а на која учествуваа претставници на приватниот и јавниот сектор, имаше за цел да се увидат проблемите во секторот, да се мапираат чинителите според методологијата за оценка на развојот на пазарот и да се дискутираат идните чекори во овој сектор.

Според д-р Ристо Иванов, консултант кој е активно вклучен во секторот, потенцијалот на овој сектор треба да се искористи веднаш.

“Одржливото градежништво е сектор со голем потенцијал за вработување и генерирање приходи. Искуствата во Германија покажуваат дека обновливите извори на енергија се значајни креатори на работни места. Европската комисија предвидува дека бројот на нови работни места во овој сектор ќе порасне до 2,5 милиони вработени лица во ЕУ до 2020. Во Македонија се претпоставува дека во овој сектор ќе има 3.500 нови работни места до 2020“, изјави Иванов.

Според истражувањето во секторот се вработени 10.000 работници на возраст над 60 години. Се очекува овие лица да се заменат со 7.000 нови вработени додека дополнителни 5.000 да се вработат во секторот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност.

Игор Мишевски, менаџер на секторот зелена економија во Програмата за зголемување на пазарната вработливост вели дека соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор е од огромно значење за увидување на проблемите во секторот.

“Програмата за зголемување на пазарната вработливост во следниот период ќе работи на подобрување на перформансите во секторот и надминување на проблемите. По спроведување на истражувањето и денешното мапирање на чинителите во секторот, во следниот период ќе работиме со приватниот сектор на подобрување на квалитетот на градбите, зголемување на побарувачката за квалификувани работници, промоција на предностите на мерките за енергетска ефикасност, како и пристап кон соодветни меѓународни искуства“, изјави Мишевски.

На работилницата учествуваа над 20 претставници на репрезентативни компании од градежниот сектор – лидери во областа на енергетска ефикасност, инвеститори, изведувачи, производители и увозници на енергетски ефикасни градежни материјали како претставници од Министерството за економија, Вардарскиот Плански Регион и општините Карпош, Чаир и Кисела Вода.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од  водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Првата фаза од програмата се имплементира од 2015 до 2019 и е со буџет од 6,25 милиони швајцарски франци. Програмата работи во секторите: туризам и угостителство, дизајн на производи, развој на софтвер  и ИТ, органско земјоделство и одржливо градежништво. Очекуваните клучни резултати од програмата се во период од 4 години, да се создадат повеќе од 2.000 директни или индиректни работни места и да се зголеми нето приходот на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија  за 1,5 милиони евра.