Ако компаниите не иновираат, го доведуваат во прашање опстанокот на пазарот

139
vesna
Весна Кузмановиќ, докторант по менаџмент на иновации, консултант во Хаб Скопје

Весна Кузмановиќ, докторант по менаџмент на иновации и консултант во Хаб Скопје, зад себе има 20 годишно искуство во областа на маркетингот и истражување на пазар. Работи како консултант за иновации и според неа, колку иновациите се важни за напредокот на една компанија во светот веќе е апсолвирано до таа мерка што иновациите се MUST принцип.

“За жал, кај нас во Македонија културата во бизнисот е поинаква. Иновациите се сфаќаат како комплициран процес со висок ризик и потреба од високи инвестиции, и менаџерите како да се плашат да влезат во тој процес. Најчесто она што ќе се пласира како иновација на нашиот пазар е преземено од друг пазар и друга компанија и само прилагодено на нашите стандарди”, вели Кузмановиќ.

БИ: Колку иновациите се важни за напредокот на една компанија?

Мислам дека ова прашање во светот веќе е апсолвирано до таа мерка што иновациите се MUST принцип. Компаниите знаат дека ако не иновираат, не само што не можат да се развиваат, туку и го доведуваат во прашање опстанокот на пазарите.

За жал, кај нас во Македонија културата во бизнисот е поинаква. Иновациите се сфаќаат како комплициран процес со висок ризик и потреба од високи инвестиции, и менаџерите како да се плашат да влезат во тој процес. Најчесто она што ќе се пласира како иновација на нашиот пазар е преземено од друг пазар и друга компанија и само прилагодено на нашите стандарди. Оваа состојба е и причина и последица од нискиот стопански развој. Но, не смееме да останеме во овој маѓепсан круг, затоа што ако компаниите не влезат сериозно во менување на корпоративните култури во правец на стимулација на иновации, тогаш сигурно само ќе назадуваме.

Надежта во Македонија се младите луѓе со одлични бизнис идеи кои основаат старт – ап компании и се обидуваат да ја потурнат економијата, но тие мораат да бидат поддржани со многу поголеми средства од оние што се на располагање во моментов.

БИ: Дали иновација секогаш значи инвестиција?

Иновациите не секогаш значат висока инвестиција, но, во самата природа на процесот лежи промена (драстична или делумна) која за да се имплементира неопходно е да се издвојат парични средства. Но, инвестицијата потребна за иновирање не треба да ги плаши раководните лица на компаниите затоа што многу поголем е ризикот за губење пари ако не се иновира ништо, отколку да се иновира. Не станува збор секогаш за дисруптивни иновации кои бараат многу високи инвестиции и висок ризик за неуспех, туку за иновации во смисла на подобрување и унапредување на постоечки производи или услуги каде ризикот за неуспех е сведен на минимум.

БИ: Колку се иновативни македонските компании? Во кој сегмент најмногу иновираат?

Како што споменав и претходно, македонските компании се многу конзервативни во смисла на иновирање. Тие секогаш го бираат патот на проверен успех во смисла адаптација на иновација од друг, странски пазар на локалниот. Ова некогаш е добро и исплатливо, но македонските компании мораат да развиваат стратегија за излез од македонскиот пазар и освојување на нови и поголеми пазари. Македонскиот пазар е многу мал, куповната моќ на граѓаните ниска, што резултира со ограничен раст на компаниите. За да се оствари раст мора да се излезе на странски пазар каде конкурентската борба е силна. Во такви услови, за да се креира конкурентска предност, неопходно е да се иновира на повисоко ниво и во поширок контекст.

Мислам дека Македонија мора да ги утврди своите предности и потоа да ги надоградува со иновации. За тоа е идеално ако се направи спој на земјоделието како индустрија со технологијата. Иновациите во земјоделието  мора да се сфатат сериозно и да се поддржат од сите институции.

БИ: Колку иновациите се поврзани со ризик?

Иновациите носат со себе висок ризик, па затоа и Менаџментот на Иновации се занимава со проценка на ризик за одредена иновација, како и начини како тој ризик да се намали или сведе на минимум. Ризикот кој е пратечки елемент на иновацијата не треба да ги плаши и инхибира менаџерите во стимулирање на иновации во нивните компании, туку само треба да ја освести и зголеми потребата од користење професионалци од областа на менаџмент на иновации.

БИ: Како да се поттикнат компаниите да внесуваат повеќе иновации во своето работење и да ја зголемат конкурентноста?

Компаниите и нивните раководства ќе ја сфатат неопходноста од иновации кога ќе се соочат со губење на уделот на пазарот, но тоа е црното сценарио кое мора да се избегне. Колку порано сфатат дека иновациите се единствениот начин да растат, толку подобро и за компаниите и за потрошувачите и за целата економија. Менаџерите мора да ја менуваат корпоративната култура во правец на иновирање. Тоа не е толку тешко како што се мисли. Најдобар извор на иновации се вработените кои секојдневно се соочуваат со проблеми или препреки во оптималното функцинирање. Секој нов поглед на работите и наоѓање уникатна солуција на проблем е иновација.

Друг начин на потикнување на иновативност кај компаниите е поддршката која мора државните институции да ја даваат на компаниите. Ако ги погледнете извештаите на OECD, лесно е воочливо дека оние држави кои одвојуваат највисок процент за поддржување на иновации се и најсилните економии. Нашата, за жал, не е таква.

За македонските компании се достапни и други фондови кои поттикнуваат и поддржуваат иновации, па затоа мора да се разгледаат сите можни извори, Хоризон 2020, ИПА програмите, Фондовите во рамки на државните институции итн.

Едно е сигурно – македонските компании имаат потенцијал за иновирање, само треба да знаат како правилно да го изменаџираат целиот процес за да иновираат и со тоа си ги зголемат шансите за успех на пазарот.