Француската прехранбена компанија Danone ќе укине 900 работни места во Европа поради пад на продажбата и притисок од рецесијата. Произведувачот на јогуртот Activia и флашираната вода Evian објави дека приходите во 2012 година изнесувале 20,1 милијарди евра, што значи дека се зголемени за 5,4% за разлика од претходната година, јавува BBC.
Но, продажбата на Danone во Европа бележи пад од 3% поради “сериозното влошување” на побарувачката. Затоа компанијата објави план за намалување на трошоците во чии рамки ќе укине околу 900 работни места на челните позиции и во управите, односно во менаџментот и администрацијата во повеќе од 26 европски земји.
Danone и за 2013 година очекува пад на профитната маржа, со оглед на падот на побарувачката во Европа и високите цени на суровините. Оваа компанија многу е зависна од европскиот пазар, а само во западна Европа остварува 38% од продажбата. Најголем пад на продажбата е забележан во Шпанија.