Околу 150 нови мали потрошувачи на слободниот пазар на струја од 30-ти јуни

47

mepso

Над 150 мали потрошувачи од крајот на идниот месец ќе добијат можност да бидат снабдувани со електрична енергија по пазарна цена од снабдувачи на електрична енергија, информира МЕПСО, јавува Миа.

“Според податоците за потрошувачката, што МЕПСО ги доби од двата оператори на дистрибутивните системи, над 150 мали потрошувачи кои во изминатата 2015 година имале потрошувачка на електрична енергија поголема од еден гигават час на 30-ти јуни стекнуваат статус на квалификувани потрошувачи и ќе имаат можност да одберат помеѓу снабдување со електрична енергија по пазарна цена од страна на снабдувачите со електрична енергија или снабдување по регулирана цена од страна на снабдувач во краен случај“, соопшти македонскиот електро – преносен систем оператор.

Оттаму посочуваат дека Операторот на пазар на електрична енергија (ОПЕЕ), подружница во АД МЕПСО задолжена да го организира и управува националниот пазар на електрична енергија, веќе ги објави двете листи со кои се овозможува самостојно учество на пазарот на електрична енергија и снабдување со електрична енергија по пазарни услови преку избран снабдувач со првата листа, односно снабдување со електрична енергија по пазарни услови само преку избран снабдувач.

“Првата листа ја сочинуваат 271 правно лице, тие според податоците од Централен регистар на Македонија ги исполнуваат условите да имаат најмалку 50 вработени и вкупен годишен приход или вкупна актива од најмалку 10 милиони евра, односно не спаѓаат во групата на т.н. мали потрошувачи“, велат од компанијата.

Оваа листа, додаваат, ОПЕЕ ја ажурира секоја година најдоцна до 30-ти април во согласност со податоците за изминатата година, а потрошувачите од оваа листа имаат право за самостоен настап на пазарот веќе од наредниот ден.

“Сите потрошувачи кои за прв пат се наоѓаат на оваа листа и со тоа се стекнуваат со право за самостоен настап на пазарот на електрична енергија или избор за снабдување преку снабдувач по пазарна цена, задолжително мораат да склучат договор со трговец или снабдувач најдоцна 60 дена по денот на стекнување на правото за самостојно учество на пазарот“, велат од МЕПСО.

Втората листа содржи над 150 потрошувачи кои влегуваат во групата мали потрошувачи кои во измината 2015 година потрошиле над еден гигават час електрична енергија и со тоа го исполниле условот да имаат можност да изберат дали понатаму ќе се снабдуваат по нерегулирана (пазарна) цена со избор на снабдувач на електрична енергија или ќе продолжат да се снабдуваат по регулирана цена од т.н. снабдувач во краен случај.

“Податоците за потрошувачите кои го исполнуваат условот да излезат на отворен пазар до ОПЕЕ ги доставија двата оператори на дистрибутивните системи ЕВН Македонија и ЕЛЕМ Енергетика. За потрошувачите кои што ќе изберат по први јули 2016 година да бидат снабдувани од снабдувач по нерегулирана цена, потребно е да склучат договор за снабдување со регистриран снабдувач и притоа процесот за промена на снабдувач е најмалку 23 дена. Доколку потрошувачот не одбере да биде снабдуван од страна на снабдувач, неговото снабдување со електрична енергија ќе продолжи да биде по регулирана цена од страна на снабдувач во краен случај“, посочуваат од АД МЕПСО.