Мајкл Голдберг: За да успеете треба да сте добар раскажувач на приказни

39

DSCN0571Мајкл Голдберг, претприемач и професор на Weatherhead School of Management и универзитетот Case Western Reserve од Кливленд, вчера во Хаб Скопје зборуваше на тема Растот на претприемништвото во транзициските економии.

Голдберг стави акцент на тоа колку е важно универзитетите и владите да обезбедат средства за помош на стартапите. Тој притоа направи споредба со тоа како ова прашање е решено во САД, поточно во Охајо и Кливленд, каде Владата дава значителна сума на пари за акцелератори коишто пак имаат своја улога во помагањето на бизнисите во рана фаза.

“За да успеете треба да сте добар раскажувач на приказни, треба да умеете да раскажете за влијанието што вашиот старт-ап може да го направи врз заедницата. Многу е важно информацијата да се сподели на еден поинаков начин за истата да влијае врз луѓето.”

Тој зборуваше и за ангел – инвестициите, нивната улога во помагањето на бизнисите и зошто инвестираат во стартапите.

“Парите се важни, но бизнис ангелите имаат и една друга причина за инвестирање, тоа е социјалната страна на претприемништвото, односно желбата да им се помогне на луѓето да успеат.”

Голдберг и самиот има инвестирано во компании за производство на медицински уреди од Израел, коишто соработуваат со водечките индустрии за здравство во Кливленд.

13312599_541541189366826_3589269429544067731_n

Освен Голберг, гостин говорник на настанот беше и Даринка Буровска од Nottingham University Business School, која зборуваше за насоките за подобрување на македонската старт-ап сцена, како да се мотивираат младите.

Таа ја потенцираше потребата од тоа да се вклучи претприемништвото во образованието од рана возраст, да се даде поголема моќ на стартапите, да се намалат даноците за стартапи, со еден збор да се сврти вниманието на лидерите кон креативните бизниси коишто можат многу да придонесат за заедницата.

На настанот којшто беше од отворен карактер, присутните – голем дел од нив со свои бизниси и идеи, имаа можност да постават прашања, да споделат свое искуство и мислења во врска со темите и на свој начин да влијаат врз креирањето на една урбана старт-ап култура.