Регистарски таблички за автомобил со само еден број на нив беа продадени на аукција одржана во Обединетите Арапски Емирати за 4,9 милиони долари, пишува Guardian.
Сопственикот на табличките, на коишто се наоѓа само бројот еден, Ариф Ахмет ал Заруни од секогаш сакал да биде број еден и бил подготвен да плати и 18 пати повеќе за да стане сопственик на најдобрите таблички во Шарџа – третиот најбогат емират во ОАЕ.
Сепак, неговата сума не беше највисока што некогаш била понудена за регистарски таблички, бидејќи во 2008 година извесен купувач плати 14,2 милиони за иста ваква регистрација, само што таа беше за Дубаи. На аукцијата беа понудени 60 регистарски таблички меѓу коишто најпопуларни беа: 12, 22, 50, 100, 333, 777, 1000, 2016, 2020 и 99999.