Како полесно да го поднесете топлото време

46

sonce

Фото: Pixabay

Кога температурите ќе се искачат близу 40 степен, станува неподносливо. Сепак и покрај екстремно топлото време, мораме да продолжиме со секојдневните обврски. Единствено што може да направиме е да ги послушаме корисните совети што ги даваат стручните лица.

Еве неколку од нив:

Ролетните, венецијанките и завесите треба да се спуштат/затворат веднаш штом ќе почне да станува топло надвор.

Доколку не морате, не излегувајте помеѓу 11 и 16 часот во периодот кога е најтопло. Ако излегувате облечете лесна и светла облека, носете очила за сонце, капа или шешир и не заборавајте да нанесете крема со заштитен фактор.

Ако сте дома, туширајте се, а доколку сте на работа секогаш кога ќе можете освежете го лицето со ладна вода.

Пијте течности за да останете хидрирани. Најдобар избор е водата и свежите сокови. Не претерувајте со кафето и одбегнувајте алкохол.

Можеби ќе ви звучи чудно, но лутата храна го лади вашето тело. Силниот вкус ќе приодонесе за дополнително потење и со тоа ќе ве излади на природен начин. Доколку лутото не ви претставува проблем, слободно зачинете го вашиот летен ручек со некое чили пиперче.

Кремите за сончање, лосионите, тониците, кремите за лице и тело, па дури и парфемите чувајте ги во фрижидер. Тие ќе бидат доволно ладни, па кога ќе ги нанесете ќе добиете дополнителна свежина на вашето лице и тело.

Високите температури имаат негативен ефект врз сите, но сепак особено треба да внимаваат лицата постари од 65 години, хронично болните (срцеви и респираторни заболувања), лицата кои имаат проблеми со мобилноста, бебињата и малите деца, и оние што се физички активни.