Работникот во Босна и Херцеговина мора да потроши преку 80% од парите што ги заработува за храна, додека во Европската унија е доволно 15% од платата за да се купи храна за цел месец. На европските домаќинства им останува 85% од заработените пари за непрехранбени артикли, за сметки, облека, обувки и слични трошоци, додека ситуацијата во БиХ е сосема поинаква. Ова се податоците со кои излегоа претставници на босанско-херцеговските здруженија за заштита на потрошувачите.
“Да се преживее во ситуација во каква што се наоѓа БиХ е вистинска уметност. Им советуваме на граѓаните да планираат се што купуваат. Освен тоа, сметам дека многу храна завршува на отпад, иако би можела да се донира или да се искористи”, вели Гордана Булиќ, претседателка на Управниот одбор на Сојузот здруженија на потрошувачи. Таа смета дека на граѓаните треба да им се помогне со воведување на диференцирани даночни стапки.
“Мислам дека даноците на луксузните производи можат да се зголемат, а на некои клучни производи, оние основните, да се воведат пониски стапки на ДДВ”, вели Булиќ.
Според статистиките, секој шести граѓанин во БиХ е гладен, а анализите говорат дека цените на храната во оваа земја за бројни артикли се повисоки отколку во земјите од опкужувањето, па дури и во земјите на ЕУ. Како пример, босанско-херцеговските медиуми ја наведуваат Македонија, каде цените на храната се за 24% пониски од оние во БиХ, но помали се и платите.