Најмногу поплаки за небезбедни играчки и штетни хемикалии

38

Граѓаните најчесто се жалат на небезбедни играчки, хемикалии кои се штетни по здравјето што ги има во играчките, козметичките производи и текстилот, пишува Миа.

Граѓаните кои ќе купат небезбеден и производ со одреден недостаток имаат право да го вратат и во рок од 30 дена да се изврши поправка, ако е во гарантен рок или да се замени со друг соодветен производ. Доколку се работи за небезбеден производ треба да го вратат на местото на купувањето и да ги добијат парите назад. Но, за да се прогласи еден производ за небезбеден треба да е утврден како небезбеден од страна на Државниот пазарен инспекторат или Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Министерството за економија во соработка со Организацијата на потрошувачите на Република Македонија (ОПМ) континуирано од 2005 година наваму се обидува да најде начин потрошувачите соодветно да се информирани. Тоа е и целта на работилницата на којашто ОПМ преку практични примери ќе го објасни начинот на кој се справуваат Словенија и Европската унија со безбедноста на производите  на пазарот и законските прописи со кои се регулира оваа област и можностите за електронско тргување и заштита на правата на граѓаните.

На настанот, организиран во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на РМ за 2016 година,  учествуваат претставници од Државниот пазарен инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Инспекторатот за труд, Санитарниот и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за лекови, Царинската управа, стопанските комори, трговски друштва и здруженијата на граѓани.

Маријана Лончар Велкова, претседателот на ОПМ, посочи дека лани до Организацијата на потрошувачи биле доставени над 2.600 поплаки, жалби и приговори кои биле дистрибуирани до ресорните надлежни институции. Најголем дел од нив биле за неквалитетен производ кој се расипува брзо и поправките не се навремени, како и за неостварување на правото да се добие нов производ после три поправки во гарантниот рок.

“Во доменот на безбедноста немаме толку голем број жалби поради тоа што дел од производите  веројатно се детектираат и на царинскиот увоз, што значи Царината има огромна улога кога влегуваат производите на нашиот пазар. За тоа придонесуваат и сите други надлежни инспекциски органи, односно контролата која се врши внатре и системот за брзо дојавување RAPEX на Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна со системот за брзо дојавување на проблеми со безбедноста на храната“, изјави Лончар Велкова.