Околу 75% од бугарските компании не се иновативни, покажуваат податоците од Националниот институт за статистика за периодот 2012-2014 година. За разлика од периодот 2010 – 2012, се бележи пад на иновациите, освен кај иновациите во производи, но и таму растот е минимален, 0,1%, пишува 24 часа.
Во периодот 2012-2014 година, една десетина од компаниите реализирале нови или подобрени производи и услуги на пазарот. Над половина од иновативните фирми реализирале нов производ на пазарот, додека речиси 80% вовеле нови стоки или услуги. Скоро една десетина од компаниите вовеле нови или подобрени процеси во самата компанија, околу 6% вовеле нови производствени методи, помалку од 5% имплементирале нови помошни активности, а само 2,3% ги подобриле методите за снабдување и дистрибуција на стоки.
Според извештајот, водечки сектори во коишто се воведуваат иновации се фармацијата, осигурителниот бизнис, хемиската индустрија, ИТ и машинство.