Во хидроелектраните Шпилје и Глобочица, што го сочинуваат хидроенергетскиот систем Црн Дрим, во периодот јануари – јули произведени се вкупно 354 милиони киловат часови електрична енергија, јавува Миа.
“Во ХЕ Шпилје произведени се 218 милиони киловат часови електрична енергија, што е за над 17% поголемо производство од планираното за овој период од годината. Што се однесува до годишниот план, тој заклучно со јули е реализиран за 78,7%. И во ХЕ Глобочица забележано е поголемо производство од планираното и тоа за 12,4%. Заклучно со јули произведени се 136 милиони киловат часови, што претставува реализација на годишниот план за околу 72%“, велат надлежните од ХЕС Црн Дрим.
Во двете акумулации има солидна резерва за производство за електрична енергија што е гаранција дека добрите резултати ќе продолжат и во наредниот период.
“Просечениот дотек во акумулацијата Дебарско Езеро изнесува околу 30, додека во акумулацијата Глобочица 22 кубни метри вода во секунда. И во двете акумулации има солидна резерва на вода за производство и тоа по околу 20 милиони киловат часови електрична енергија одделно“, нагласуваат надлежните.
Според нив, последните врнежи видно не влијаеја на зголемувањето на дотекот на вода, а со тоа и на водостојот на акумулациите во кои има доволно простор за прием на нови дотеци.