Повик за креирање иновативни софтверски решенија за подобар јавен градски превоз

51

Индивидуалци, тимови и стартапи со познавања од развој и дизајн на софтвер ќе креираат иновативни софтверски решенија за подобрување на услугите во јавниот градски превоз во Скопје со учество на натпревари Паметна автобуска постојка и Скопски автобуски хакатон, јавува Миа.

Повиците за натпреварите ги распиша Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука, Град Скопје и ЈСП Скопје и се отворени до 15-ти следниот месец.

Целта е промоција на иновациската дејност, поттикнување на соработката помеѓу научно – истражувачките, високообразовните институции и бизнис секторот, како и промоција на лабораториите на факултетите.

На хакатонот ќе се изработува иновативно софтверско решение за зголемување на задоволството од користење на јавниот градски транспорт во Скопје, преку оптимизација на бројот на патници во автобусите на линиите 2, 5, 19, 22 и 57. На натпреварот Паметна автобуска постојка, пак, треба да се креира идејно решение за автобуската постојка на улицата Димитрие Чуповски бб (Рекорд – Центар).

Идејните решенија што ќе бидат претселектирани во процесот на избор ќе бидат дел од стручни менторски тимови, кои ќе им обезбедат поддршка да направат прототип – 3 Д модел којшто понатаму ќе биде развиен во готово решение и ќе може да биде применет. Финалниот натпревар и доделување на наградите ќе се одржи на трети декември годинава.

Организацијата на натпреварите е поддржана од ФИНКИ, Машинскиот факултет од Скопје, Програмата за развој на ОН (УНДП), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Технолошкиот парки при Универзитетот на ЈИЕ, Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички науки и комуникациски технологии од Битола.