Џонсон Мети е деветта, а ЕВН 42-ра најуспешна компанија, покажува ранг листата Coface Adriatic/Balkan Top 50 за 2015 година за Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија.
Британската инвестиција во индустриската зона Бунарџик во 2015 година ја подобри својата позиција од минатата година, кога беше 12-та најуспешна компанија според Coface. Џонсон Мети лани прикажа добивка од 91,3 милиони евра, додека на крајот на 2014-та година, нето добивката беше на ниво од 56 милиони евра. Зголемување од 14,8% има кај бројот на вработувања, кои во 2015 беа 613, а една година претходно 534.
ЕВН Македонија, според Coface, е 42-ра најуспешна компанија во регионот. Податоците покажуваат дека енергетската компанија на крајот на 2014-та година прокнижила добивка од 5,4 милиони евра, а 2015-та ја заврши со нето добивка од 28,4 милиони евра, што е пораст од 425,6%. Бројот на вработени лани достигна 2.040, што е за 8,4% помалку во однос на 2014 (2.228 вработени).
На прво место на листата е словенечката компанија Петрол со нето добивка од 30,1 милиони евра во 2015 година. Во првите пет се најдоа и хрватската компанија INA, енергетската компанија Gen-I од Словенија, Konzum од Хрватска и српската нафтена компанија NIS.
На дното од листата се најдоа две хрватски, две словенечки и една компанија од БиХ.
Истражувањето на Coface покажува дека економската активност забележала забрзување во јадранско – балканскиот регион во 2015-та година. Најголем придонес има домашната побарувачка, а потрошувачката на домаќинствата е најголем поттикнувач на регионалниот развој.
Анализата предвидува дека економската активност во регионот ќе биде стабилна во текот на оваа година. Растот на БДП во БиХ ќе достигне 3%, 4% на Косово, 3,5% во Македонија, во Црна Гора ќе биде 3,6%, во Србија ќе биде 2%, додека во Словенија растот ќе се позиционира на 1,6%.