Колку е скап животот во престолнините од регионот?

43

skopje

Со помош на податоците на Numbeo направиме споредба на цените во Скопје со оние во Белград, Софија, Тирана, Атина и Приштина – каде храната е поевтина, колку чини еден метар квадратен стан во центарот на градот, колку едно просечно семејство треба да одвои од семејниот буџет за редовните сметки…

Скопје vs Белград

belgrad

Нашиот главен град и српската престолнина се на оддалеченост од 435 километри или четири ипол часа возење со автомобил.

Од намирниците кои секојдневно се купуваат и може да се најдат во маркетите, често се купува млеко, леб, овошје и зеленчук. На пример, еден литар млеко во маркет во Белград чини околу 47,71 денари или за 5,91% поевтин одошто во Скопје, каде млекото може да се добие по просечна цена од 50,53 денари. Балканците се познати и по тоа што во исхраната неизоставен дел им е лебот. Леб од 500 грама во Скопје чини околу 31 денар, додека просечната цена во српскиот главен град е околу 24 денари.

Кога се анализираат трошоците за транспорт, билет за еден правец во Скопје чини 35 денари, а во Белград 21,43% повеќе или 44,5 денари. Доколку имате потреба од такси превоз, оваа услуга во нашиот главен град ќе чини околу 40 денари за старт, но ако сте во Белград за тоа ќе ви бидат потребни двојно повеќе пари – 85 денари.

За сметки за струја, греење, вода и комуналии за стан од 85 метри квадратни од семејниот буџет во Скопје просечно се одвојуваат околу 8.000 денари, додека во Белград за таа цел се одвојуваа околу 500 денари помалку. Скопје во споредба со Белград има поевтин интернет за 11,21%.

Кога станува збор за просечната плата, таа во Скопје се движи околу 19.770 денари или за 10,6% помалку во однос на платата во Белград, којашто изнесува околу 22.114 денари.

Скопје vs Софија

sofija

Скопје и главниот град на Бугарија се на оддалеченост од 242,9 километри, што е околу три часа возење. Потрошувачките цени во Скопје, според Numbeo, се за 7,80% пониски за разлика од оние во Софија.

Па така, еден литар млеко во овој бугарски град во просек чини околу 62 денари, што е за 18,86% поскапо одошто кај нас. Лебот во Скопје е за 0,02% поскап одошто оној во Софија, чија просечна цена е околу 30,8 денари.

Кога се анализираат транспортните трошоци, билет во еден правец во Скопје е за 30,5% поевтин одошто во Софија, каде што чини околу 50 денари. Но, жителите на бугарската престолнина за старт на такси услугата може да платат 24,87 денари или 60,8% поевтино од Скопје.

Просечните трошоци за струја, греење, вода и комуналии во Софија се за 57% пониски одошто во Скопје и во просек изнесуваат 5.111 денари. Во Софија за 52,70% е поевтин и интернетот, којшто чини околу 468 денари.

За 37,83% е повисока просечната плата во Софија, којашто според податоците, изнесува 31.801 денар.

Скопје vs Тирана

tirana

Доколку некој сака од Скопје да замине за Тирана, патувањето ќе трае околу четири час и 41 минута, поради оддалеченоста од 291,5 километри.

Податоците на Numbeo покажуваат дека потрошувачките цени во Скопје се за 4,12% повисоко одошто во Тирана.

Во маркетите низ албанската престолнина, литар млеко чини околу 56 денари, што е за 10,43% повеќе одошто кај нас. Цената на лебот во Скопје е за 4,61% пониска од онаа во Тирана, каде што векна леб од 500 грама се продава по 32,30 денари.

Кога се во прашање транспортните трошоци, билет за едно возење во Тирана чини помалку од 20 денари или 95% поевтино од Скопје. Поскап е стартот во такси превозот, којшто е околу 134 денари или 70,22% повеќе од Скопје.

Жителите на Скопје, во однос на оние во Тирана, плаќаа 125,36% повисоки сметки за струја, греење, вода и комуналии. За овие трошоци, жителите на главниот град на Албанија секој месец одвојуваат околу 3.500 денари. Сметките за интернет во Тирана на месечно ниво се пониски за 23,67% во однос на нашите сметки.

Индикатор што е мошне важен при анализа на трошоците на живот е просечната плата. Во просек, жителите на Тирана примаат плата во износ од 17.313 денари, што е околу 14% помалку во однос на просечната плата во нашата земја.

Скопје vs Атина

atina

Грчката престолнина е најмногу оддалечена од сите главни градови на земјите со кои граничи Македонија. За патување од Скопје до Атина потребни се околу седум часа возење за да се помине растојание од 704 километри.

Податоците покажуваат дека потрошувачките цени, киријата, цените во рестораните и маркети се пониски во Скопје во споредба со оние во Атина.

За еден литар млеко, жител од Атина треба да плати околу 75,5 денари за литар, што во споредба со цената на млекото во Скопје е 33,10% повеќе. Во главниот град на Грција и лебот е поскап за разлика од кај и тоа за 34,28%.

И транспортните трошоци во Скопје се поевтини од оние во Атина. Билет за едно возење на локална линија чини 86 денари, што е за 59,43% повеќе во однос на цената во Скопје. За над 78% е поскап и стартот на такси услугите во грчката престолнина, каде доколку имате потреба од превоз треба да платите околу 185 денари.

Кога се земаат во предвид месечните сметки за струја, вода, греење… жителите на Атина плаќаат 13,77% повеќе во однос на нас. И кај сметките за интернет имаат повисоки трошоци и тоа за 43,28%.

Но, од друга страна и просечната плата во Атина е повисока и изнесува 43.031 денари, односно 54% повеќе од просечната плата во Скопје.

Скопје vs Приштина

pristina

Приштина е само 86,9 километри оддалечена од Скопје, што е околу еден час и 40 минути возење.

Потрошувачките цени во Скопје, според Numbeo, се 32,31% повисоки одошто во Приштина. Цените во рестораните и маркетите се, исто така, повисоки во Скопје одошто во главниот град на Косово.

Млекото и лебот во Приштина се поевтини од оние во Скопје и тоа за 8,24% односно 78,60%. Повисоки се и транспортните трошоци во Скопје одошто во Приштина. Билет во еден правец во косовскиот главен град чини 24,65 денари или 42% помалку од кај нас. Стартот кај такси компаниите во Приштина чини 92,43 денари што е за 56,72% повеќе во однос на Скопје.

Во однос на комуналните трошоци, Скопје е лидер по највисоки сметки за струја, вода, греење и комуналии во регионот. Во однос на Приштина, сметките што ги плаќаме ние се за 76,61% повисоки. Исто така, интернет услугите во Скопје чина 113,43% повеќе одошто во Приштина, каде сметките за интернет се околу 335 денари.

Просечната плата во Приштина е 24.648 денари или 19,79% повеќе во однос на просечната плата во Скопје.