Меѓународниот проект Сподели возило (SocialCar), вчера во Салата на советот на Град Скопје одржа презентација на проектот, чија цел е да се развие јавната свест за заедничко патување низ градот заради намалување на загадувањето на средината и намалување на трошоците.
Проектот Сподели возило има почетна цел да го истражи јавното мислење за превоз со заедничко возило. Прашањата што ќе им бидат поставени на граѓаните се: дали го споделувате своето возило со пријателите или со колегите, дали би учествувале во организирана мрежа за споделување возило и што би ве мотивирало да делите возило со други патници? Потоа, треба да се подготви софтвер – апликација за граѓаните лесно, едноставно и во реално време да добиваат информација за оној што споделува возило и за понатамошното вклопување во системот на јавниот превоз.
Проектот на едно место ги обединува компјутерските инженери, експертите од општествените и економските науки, сообраќајните инженери, луѓето кои заеднички патуваат и властите од Италија, Грција, Велика Британија, Луксембург, Полска, Швајцарија, Македонија, Хрватска, Словенија, Холандија, Унгарија, Шпанија и Белгија. Нивната цел е да се осмисли, развие, тестира и да се примени сервис кој на граѓаните од урбаните и приградските средини ќе им го поедностави патувањето.
Со проектот SocialCar ќе се утврди текот на обработката на податоци и ќе се осмисли софтвер кој ќе ги интегрира барањата за патување со понудата на јавно – приватниот превоз. Со сите интегрирани софтверски модули, SocialCar ќе биде тестиран во 10 европски градови.
Презентацијата на проектот Сподели возило е дел од активностите на Град Скопје на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2016 што се одвива под мотото Сподели превоз, заштеди пари, зачувај ја средината.