Сајтот за групни попусти, Grouper.mk, го најавува почетокот на кампањата Доживеј ја Македонија, којашто за прв пат ја лансираше минатата година, стои во соопштението.
Доживеј ја Македонија има за цел да ги мотивира граѓаните да ја прошетаат Македонија преку секојдневно објавување на атрактивни понуди со големи попусти за хотели, вили, ресторани и тури низ кои се опфатени речиси сите региони во земјава.
“Ние на корисниците им нудиме многу повеќе од попусти. Grouper е водич за корисниците да откријат нови места, вкусови, искуства или едноставно да заштедат купувајќи нешто што им е потребно во моментот. Често организираме кампањи кои се насочени кон одреден сегмент или категорија. Така кампањата Доживеј ја Македонија има за цел да ги поттикне граѓаните да ја истражат својата земја преку богатата понуда на зделки за најразлични локации низ земјава”, вели Нина Ангеловска, директор и косоптвеник на Grouper.
Портфолиото на зделки на Grouper е поделено во три секции: услуги, производи и патувања во кои секогаш се наоѓаат околу 600 активни понуди. Додека најпродавана секција се услугите, патувањата ја претставуваат најатрактивната категорија за корисниците.
“Дека кога ќе се спојат љубовта кон татковината и добрата идеја и реализација успехот е загарантиран, покажува и фактот што минатата година во кампањата се вклучија 45 хотели, вили и ресторани, а беа продадени над 1.800 ноќевања ширум Македонија. Инспирирани од позитивниот фидбек од страна на корисниците и компаниите кои се вклучија, годинава понудата ќе биде уште побогата, па корисниците ќе имаат избор од над 65 зделки – сите уникатни и препознатливи за својот крај. Дополнителна вредност е тоа што секоја понуда содржи Grouper водич кој препорачува места вредни за посета во околината на она што се нуди“, вели Драгана Ѓокиќ, одговорното лице за кампањата од Маркетинг и продажба во Grouper.
Уживање на врвовите на Шара и Пелистер, во домашен зелник и пита со сирење во Галичник, јавање коњи на Бистра, дојрански крап за ручек и уживање во зајдисонцето покрај Охридско и Преспанско езеро е само дел од она што го најавува тимот на Grouper.mk.