Регионален саем на врвни производи од Вардарскиот регион

45

vardarski

Во понеделник, 26 септември, со почеток од 12:00, па сѐ до полноќ, во Јавна соба, започнува четвртиот регионален саем на мали бизниси од Вардарскиот регион. На овој дводневен саем, на кој влезот е слободен, застапени се средни, мали и микро бизниси кои промоцијата на производите ја базираат исклучиво на квалитет.

Вардарскиот регион не е само ризница на добро препознатливи вкусови, туку е имиџот и надворешната проекција за Македонија со која сите се гордееме. Есенски вргањ, сушен и свеж, месо и сувомеснати  деликатеси, кашкавали и сирења со европски признанија за квалитет и секако виното кое се конзумира од Њујорк до Токио.

Програмата опфаќа средби со производителите и дегустација на деликатеси во текот на целиот ден. Во понеделник во 18:00 ч. балерините ќе го изведат перформансот балет на грозје – газење на грозје во живо, со што ќе го одбележат почетокот на винската сезона за оваа година. Дегустацијата на нови вина од мали и веќе етаблирани винарии од Тиквешијата започнува од 18:00 ч. Финалниот подарок за посетителите е предвиден истиот ден во 21:00 ч. кога започнува концертот на македoнскиот џез бенд Фирс.

За време на овој дводневен фестивал на вино и деликатеси ќе биде претставена новата винска рута во Тиквешијата која ќе ја збогати понудата на алтернативниот туризам и опфаќа посета со велосипед на винариите: Тиквеш, Стоби, Попов, Бовин, Попова Кула и здружението Винотек (мали егзотични винарии).

Саемот на мали бизниси е во организација на Карана, општините од вардарскиот регион, Јавна соба и е поддржан од страна на УСАИД и Швајцарската развојна програма.