Агенцијата за катастар на недвижности од утре до втори февруари следната година ќе организира нов циклус Отворени денови за решавање нејаснотии и проблеми поврзани со катастарското работење, на кои, покрај граѓаните, првпат ќе може да учествуваат и приватни геодетски фирми и компании, јавува Миа.
Денот посветен за компаниите ќе биде искористен за обуки, консултации и решавање посложени проблеми од тековното работење.
“На претставниците на приватните геодетски фирми ќе им биде овозможена посета на задолжителна интерактивна обука за овластени геодети, како и воспоставување непосреден контакт за консултации и добивање релевантни информации од службениците на Агенцијата“, рече Горан Јовановски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.
Отворените денови за геодетите ги иницирала Комората со чие раководство Катастарот денеска одржа состанок за забрзување и подобрување на услугите за граѓаните. Анализирани се претежно технички работи кои со преточување во законски решенија треба да им ја подобрат работата.
Како што најави директорот на Катастарот Славче Трпески, активностите за Отворените денови почнуваат утре за граѓани и задутре за бизнис секторот и за приватните геодетски фирми во Велес и во Штип, а ќе продолжат на 12-ти и 13-ти месецов во Охрид и во Струга. За жителите на скопските општини Гази Баба, Кисела Вода и Петровец, циклусот Отворени денови со Катастарот ќе трае од 17-ти до 21-ви октомври.
Трпевски нагласи дека отворени денови ќе има во сите 30 подрачни катастарски одделенија и оваа година останува можноста стручните тимови на Агенцијата за катастар на недвижности на барање на граѓаните да посетуваат и помали населени места или месни заедници.
Во тек на ланските отворени денови на Катастарот стручните тимови примиле 2.934 граѓани. На 800 им е решен проблемот, а другите добиле стручна помош за документи за комплетирање барања за впишување во катастарот на недвижности. Најчесто поставувале прашања за сосопственички права произлезени од авионските снимања, за легализација на имоти и за останати прашања од имотно правен карактер. Благодарение на информациите од граѓаните, како што рече Трпевски, направени се неколку подобрувања на Законот за катастар на недвижности и на подзаконски акти.