Друштвото за производство на комерцијални блокови, масивни елементи и плочести материјали РИ – ЕП ДОО – Охрид со изложување на сопственото производство се претстави на еден од главните европски саеми Marmomacc во Верона, Италија.
РИ – ЕП е компанија којашто поседува рудник за травертин и два погона за преработка. Компанијата активно се занимава со експлоатација на травертин и негова преработка од 1995 година.
“Ова е одлична можност за наше претставување и за отворање на нови можности за соработка и планирање извоз. Да се биде дел од саемот Marmomacc значи дека, пред сè, имате висок квалитет на производите кои ги задоволуваат стандардите на национално и меѓународно ниво што е уште една потврда за нашата добра производна практика“, изјавија од компанијата.
Во текот на саемското претставување, раководството на РИ – ЕП воспоставија контакти со компании од голем број европски држави, како и компании од Блискиот Исток.
“Присуството на саемот ни даде можност да ги презентираме нашите производи, воедно ни понуди и одлична можност да оствариме средба со потенцијалните купувачи, дистрибутери на големо и мало и да ги испитаме можностите за идни стратешки бизнис планови, како и да ги отвориме вратите кон светските пазари“, додадоа од компанијата.
Со посетеност од околу 70.000 посетители од 150 земји и со повеќе од 1.500 претставувања на изложувачите, саемот Marmomacc е водечки глобален настан за рударската индустрија, каде што е претставен целиот ланец на набавка, суровини, полу и готови производи, вклучувајќи механизација и технологија на работа. Поради тоа, претставува одлична можност за дополнителна едукација во делот на најновите трендови, производствени процеси и управувачки практики за подобрување на продуктивноста и зголемување на пазарниот удел во индустријата на природен камен и експресивен потенцијал на камени материјали во архитектурата и дизајнот.