Зголемени трошоците на живот во септември

36

Трошоците на живот во септември оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,2%, а кај цените на мало е забележано намалување за 0,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Порастот на трошоците на животот од 0,2% во септември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 2,6%, јајцата за 2,4%, компирот за 1,3%, месото, рибата, морските плодови и замрзнатото овошје за 0,7%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5%, сувото овошје, јаткастите производи и алкохолните пијалаци за 0,3% и сушеното, соленото и чаденото месо за 0,2%.

Во септември, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај гасот за домаќинствата за 3,7%, течните горива за домаќинствата за 3,2%, течните горива и мазива за 2,4%, средствата за чистење и одржување на станот за 2%, здравствените услуги за 1,5%, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 1,2%, книгите за 0,9%, другите лични предмети за 0,7%, мебелот и малите електрични апарати за домаќинствата за 0,8%, материјалите за одржување и поправки на станот за 0,6%, угостителските услуги за 0,5%, цврстите горива за домаќинствата за 0,3%, услугите за лична хигиена, накитот и часовниците за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во септември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај оризот и полномасното млеко за 1,1%, изнутриците за 0,5%, другите прехранбени производи за 0,4% и свежото и разладеното овошје за 0,3%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 15,2%, туристичките пакет аранжмани за 10,6%, услугите за сместување за 6,4%, болничките услуги за 6,1%, велосипедите за 0,7%, обувките за 0,5% и лековите за 0,2%.

Трошоците на животот во септември 2016 година, во споредба со септември 2015 година, бележат пораст од 0,2%, а цените на мало бележат пораст од 0,5%.