Откако беше пронајдено зголемено ниво на фекални бактерии во чоколадни колачиња од шведска ИКЕА, здравствените власти во Кина конфискуваа близу два тона од пратката.
Како што пишува Shanghai Daily, високите нивоа на бактеријата колиформ се најдени во доставените чоколадни колачиња со бадем, а надлежните наредиле уништување на 1,87 тони од овој десерт. Спорната пратка стигнала во Шангај од Шведска во јануари. ИКЕА чоколадните колачиња паднале на тестот на кинеските санитерни власти, меѓу други 247 производи.
“Ние купуваме чоколадо од еден добавувач. Тоа е со врвен квалитет, а тие колачиња се носат во сите магацини. Постојат правила според кои мора да се постават вистинските прашања”, вели портпаролот на ИКЕА, Илва Магнусон за шведската новинска агенција TT.
Откривањето на фекална бактерија во колачињата на ИКЕА доаѓа по само една недела откако во месните топчиња беше откриено коњско месо, што предизвика нивно повлекување од рафтовите.