Македонски железници – Транспорт, со кредит од Европската банка за обнова и развој вреден 50 милиони евра, ќе се подноват со 150 товарни вагони, четири дизел моторни и две електромоторни патнички гарнитури. Ова е првата инвестиција во железниците по повеќе од три децении. Договорот за заемот вчера го потпишаа вицепремиерот Зоран Ставрески и шефот на канцеларијата на ЕБОР, Елена Устамитова.
Со овие пари, според Ставрески, почнува една инвестициска програма во железницата со која ќе се подобри состојбата во најекономичниот превоз на стока и патници.
„Ќе направиме обнова на возниот парк на железницата, а што е поважно ќе започнеме процес за подобра конекција со регионот и Европа, поттикнување на меѓународната трговија и развој на економијата“, посочи Ставрески. Тој потсети дека овој месец започнува и ремонтот на делници од Коридорот 10 во должина од 54 километри, за што се обезбедени 17 милиони евра. Наскоро ќе започне и изградбата на делници од Коридорот 8, на потегот од Куманово до Бељаковце, а за делниците до бугарската и албанската граница се изработува проектната документација. Според Ставрески, може да се очекува до 2019 година, Македонија да биде поврзана со железница и со Бугарија и со Албанија.
Заемот на ЕБОР е обезбеден со гаранција на државата и ќе се отплатува во следните 15 години. Според шефот на канцеларијата на ЕБОР, Устамитова, подобрувањето на квалитетот на железничките услуги и намалувањето на потрошувачката на енергија се важни цели од кои ќе има корист целата економија.
Дел од заемот од ЕБОР ќе се искористи за реконструкција на пет стари електро локомотиви, како и за подобрување на енергетската ефикасност на компанијата. Според директорот на МЖ Транспорт, Оливер Деркоски, до крајот на годината ќе биде распишан тендер, а на средината на 2013 година ќе биде позната фирмата која ќе ги произведе новите возови.
Очекуваме прво да ги добиеме товарните вагони, а подоцна патничките гарнитури, кои се изработуваат по нарачка и се чекаат најмалку една година, рече Деркоски, кој ја поздрави инвестицијата во железниците, со која очекува да биде надмината кризата во компанијата.