Во 2016 година се регистрирани 16.667 продажби на недвижности со вкупен промет од околу 30 милијарди денари, додека околу 150 милиони денари изнесува прометот од регистрирани 8.201 закупнина, јавува Миа.
Стан од 225 метри квадратни во општина Центар во февруари лани е продаден за 425.000 евра и е продажба со највисок износ евидентирана во Регистарот на цени и закупи на Агенцијата за катастар на недвижности.
Највисока регистрирана трансакција минатата година била за станбена зграда со површина од 6.397 метри квадратни во општина Сопиште којашто во јуни лани е продадена за 1.703.434 евра. Најмалата цена достигната за продажба на стан е евидентирана во септември во Штип, каде стан од 72 метри квадратни е продаден за 2.000 евра.
Според податоците што ги објави денеска Катастарот, највисоката регистрирана купопропродажба лани била трансакција во износ од 4.130.000 евра со деловен простор со површина од 7.611 квадратни метри во реонот на Универзална сала во општина Центар.
Просечната годишна цена за стан од 73 метри квадратни на ниво на Македонија изнесува 2.633.329 денари. Гледано по општини просечната годишна цена на метар квадратен станбен простор изнесува 56.822 денари, во Карпош 54.369 денари, во Аеродром 51.263 денари, во Кисела Вода 48.138 денари, во Ѓорче Петров 42.035 денари, во Чаир 27.551.000 денар. Во Охрид, пак, е регистрирана просечна годишна цена за метар квадратен од 45.955 денари, по што следат Битола со 29.892 денари, во Куманово 27.545 денари, во Тетово 26.775 денари.
Извештајот на регистарот на цени и закупнини покажува раст од 0,61% на бројот на станови под хипотека. На ниво на цела држава од вкупно регистрираните станови 9,89% се наоѓаат под хипотека.
Анализата на Катастарот покажува раст од 120 станови во градба во четвртиот во однос на третиот квартал минатата година. Во четвртиот квартал минатата година имало 2.805 новоизградени непродадени станови, а во тек на градба 8.452 стана на целата територија на државата. Продадени се 362 новоградби, за 284 помалку споредено со третиот квартал.
Трпески посочи дека цената на становите во општина Центар останала стабилна во тек на целата мината година и се движи од 57.502 денари во првиот квартал до 58.620 денари во четвртиот квартал. Стабилна била и цената во општина Карпош каде метар квадратен станбен простор се купувал од 54.000 до 55.000 денари. Мал пад на цените на становите е регистриран во општина Аеродром, од 51.915 денари во првиот квартал на 47.522 денари во четвртиот квартал минатата година.