Хрватска е подготвена да им прости преку 900 милиони евра на должниците, физички лица, кои не платиле 1,8 милијарди евра данок, придонеси и останати јавни давачки. Нивните долгови државата ќе ги преполови со бришење на каматите.
За да можат околу 430.000 граѓани со самостојни професии, занаетчии, поранешни занаетчии и други физички лица коишто даночниците ги третирале како претприемачи да добијат отпис на каматите, ќе мораат да побараат репрограма и да се договорат со даночниците дека главнината на долгот, со камата од 4,5%, ќе ја отплаќаат во месечни оброци во рок од три до пет години, стои во Предлог законот за наплата на долг за данок на физички лица, пишува Слободна Далмација.
Овој закон би можел да стапи на сила на крајот на април, а со него е предвидено репрограмите што ќе ги добијат физичките лица да ги запрат извршителите да запленуваат имот поради наплата на тие долгови. Така ќе им се пружи шанса да се извлечат оние што западнале во должнички проблеми.
Но, ова важи само за тие што ќе ги почитуваат роковите за плаќање. Во спротивно, договорите со даночниците се прекинуваат, а отпишаните камати повторно се враќаат и и се припишуваат на главнината.