Фото: Pixabay
Земјоделски производители од Македонија учествуват на најголемиот саем за органски производи Биофах, што се одржува од 15 до 18 февруари во Нирнберг, Германија, јавува Миа.
На штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) се претставуваат осум производители на органски градинарски, овошни и житни култури, диворастечки растенија, производи од мед, органски ѓубрива и преработки.
“Во Македонија последниве години активно се работи на зголемување на производството на органски производи, како и на свеста на потрошувачите во однос на предностите кои ги има органската храна“, велат од МЗШВ.
Министерството го овозможи здружениот настап за заедничка промоција во соработка со производителите и преработувачите на органски производи и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ (Increasing Market Employability).
На годинашниот Биофах се претставуваат над 2.300 меѓународни изложувачи, а се очекува да присуствуваат скоро 50.000 трговци со органски производи и опрема од 130 земји. За подобра промоција на македонските органски производители, МЗШВ со помош на швајцарската Програма изработи промотивен каталог на органски производи на кој покрај компаниите кои се изложувачи, се претставени и компании и производители кои не се во можност да присуствуваат на саемот.
Според Мирјана Дудуковска, производител на органска аронија од Берово, организираното претставување на македонските производители на национален штанд е чекор напред во однос на претходните години.
“Оваа година имаме можност да ги изложиме нашите производи и да презентираме дел од потенцијалот на Македонија за соработка со купувачи на органски производи. Преку ИМЕ Програмата добивме и обука за подобро да ги претставиме нашите производи на саемот, да пристапиме до клиенти и да склучиме договор. Очекувам покрај почетни контакти за извоз на моите производи, да добијам и увид во последните трендови на производство на органски производи и информации за унапредување на моето производство“, вели Дудуковска.
За време на саемот, преку ИМЕ програмата веќе се договорени директни средби со купувачи на органски производи од Германија и Швајцарија, на кои ќе се договараат можностите за извоз на македонски производи на овие пазари.