НЛБ Банка од јануари до декември лани работеше со добивка од 1,5 милијарди денари

12

nlb-banka

НЛБ Банка ланската година ја заврши со добивка од 1.579.295.000 денари, додека една година претходно таа беше на ниво од 831.951.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Нето добивката на банката заклучно со 31.12.2016 година изнесува 1.579.295.000 денари е повисока за 89,8% во однос на истиот период од 2015 година“, стои во Анализата на финансиските резултати.

Нето приходите од камата на крајот од годината имаа вредност 2.731.343.000 денари што, според Анализата, е за 12,2% повеќе во однос на истиот период во 2015 година.

“Нето приходите од провизии се повисоки за 2,8%, при што приходите од провизии се зголемени за 8,2% како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење, повисоки приходи од платен промет во земјата, како и поради повисоки приходи од зголемениот број на трансакциски сметки, електронско банкарство, лично банкарство и повисоки приходи од провизии од продажба на полиси“, стои во Анализата.

Во 2016 година, билансната сума достигна 71.643.346.000 денари, што е пораст за 3,4% во однос на 2015 година. Тоа, како што се наведува, се должи на порастот на депозитите од небанкарскиот сектор коишто се зголемени за 1.380.573.000 денари или за 2,4% и достигнаа 58.086.493.000 денари. Вкупните кредити кон небанкарскиот сектор, во однос на 2015 година, се зголемени за 2.416.493.000 денари или за 5,5% и изнесуваа 46.091.643.000 денари.