Македонски вина од Стоби со златни медали на меѓународниот натпревар Мундус вини

45

zlatni-medali-za-vinata-na-stobi

Црвените вина Вердо и Веритас, од бербата од 2013 година од македонската винарија Стоби, освоија златни медали на пролетното издание на престижниот натпревар Мундус вини, којшто се одржа во Германија на крајот на февруари, стои во соопштението.

Повеќе од 200 експерти од 44 држави минаа четири дена оценувајќи вина од околу 150 вински региони од целиот свет. Покрај Вердо и Веритас, коишто добија високи награди, белото вино Р’кацители од бербата од 2015 година го доби сребрениот медал во силната натпреварувачка конкуренција. Мундус вини се смета за еден од најценетите натпревари во винскиот свет со тоа што годинава беа пријавени рекорден број од речиси 6.200 вина.

“Стоби редовно учествува на оваа манифестација, но златните медали се наше најголемо досегашно достигнување. Среќни сме и задоволни од резултатот кој воедно е показател дека сме на вистинскиот пат и дека креиравме вина со кои можеме да се гордееме“, посочува менаџерскиот тим на винаријата.

Вердо и Веритас се дел од линијата приватна резерва и го претставуваат најдоброто од најдоброто, креирано од стручниот тим на Стоби. Двете вина се созреани во дабови буриња. Вердо е со карактеристична црно – виолетова боја и е зачинето со хербални тонови и вкус на вишна и чоколадо. Специфично е дека ова вино е направено од петит вердо, сорта на грозје којашто ретко се сретнува чиста и Македонија е една од малкуте држави во светот каде што се добива квалитетен плод.

Веритас има интензивна темно – рубин боја и е збогатено со мириси на капина, вишна и карамела. Ова вино е направено од црвената сорта на грозје вранец којашто е автохтона за Македонија, Србија и Црна Гора. Р’кацители, пак, е дел од линијата класик и е бело вино со жолто – зелена боја и со комплексна арома на јаболка, круша, кајсија, праска и дискретни примеси на цвет од липа. Вкусот е мек и долготраен, сладок и киселкаво – свеж.

Стоби од отворањето во 2008 година, па досега има добиено голем број на медали на престижни натпревари во Франција, Велика Британија, Германија, Чешка, Бугарија итн. Винаријата годишно произведува околу 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Најголемиот дел од виното се пласира на странските пазари меѓу кои и во САД.