Патиштата влажни, снегот не се задржува на коловозот

48

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег има на планинскиот превој Буково, но не се задржува на коловозот.

Патниот правец Р-1103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, мост бр.9, преку реката Вардар, кој беше затворен за тешки товарни возила поради деформација, оштетување на мостот, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци и е пренасочен преку Криволак, патниот правец Неготино-Криволак-Пепелиште и тоа само за лесни возила. Забраната за тешки товарни возила на тој патен правец се уште е на сила.

На патниот правец Демир Капија – Удово, кај тунелите на Демир Капија, се изведуваат градежни работи на пат. За тоа има поставено светлечка сообраќајна сигнализација (семафори) која го регулира сообраќајот. Можни се повремени кратки застои во одвивањето на сообраќајот на тој дел од патот.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци.

АМСМ ги потсетува возачите за законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на временската состојба, која трае до денеска.