Фото: Pixabay
Vret е мостарски старт – ап што се занимава со изработка на софтвер за уреди во виртуелна реалност (VR) и ќе се користи во областа на медицината на одделите за психијатрија и психологија. Целта на производот е да ја подобри традиционалната психотерапија, а фокусот е ставен на намалување на стресот, фобијата, паниката и стравовите, пишува Poslovator.
Креатори на Vret (Virtual Reality Exposure Therapy) се Кристиан Мариќ, Андреј Васиљ, Јозо Васиљ и Ива Ѓикиќ. Идејата ја развиваа подолг период, а нивното истражување покажало дека виртуелната реалност широко се применува во областа на медицината и дека развиените земји користат VR уреди за подобрување на психотерапијата.
Софтверот е направен од тродимензионален пејзаж што се прикажува на VR заедно со звучни компоненти. При користењето на уредот, пациентот нема контакт со надворешниот свет што би му го одвлекло вниманието.
“Да се подобри медицината и да им се помогне на луѓето на кои им е неопходна помош е нешто непроценливо“, велат од тимот на овој старт – ап.
Производот е во фаза на тестирање во приватна клиника во Мостар, коешто очекуваат да заврши за два месеца, а потоа се надеваат ќе започнат со продажба во домашни и странски болници.
Минатиот месец, американското списание Techflier го прогласи Vret за најперспективен старт – ап во Босна и Херцеговина.