Виното на винарската визба Тиквеш, Chardonnay Limited Edition, од бербата 2012, се закити со сребрен медал на светскиот натпревар Chardonnay du Monde 2013, каде се натпреваруваат најдобрите вина од светот од сортата шардоне.
Тиквешкото Chardonnay Special Selection од бербата 2012 доби бронзен медал, со што Тиквеш беше единствената винарница од регионот која годинава освои две награди на овој реномиран натпревар.
Тиквеш ги доби престижните награди за своите вина во конкуренција на 872 вина од сортата шардоне, од 42 земји во светот, врз основа на оценки од француски судии со врвно меѓународно искуство.
“Наградите се одлична потврда за сите наши досегашни заложби да создадеме врвни вина во светски рамки, но истовремено креираат и нови повисоки критериуми кои освен што треба да се одржат, треба и да се надминат. Оваа награда која ја добивме на годинашново натпреварување на Chardonnay du Monde е уште поважна за нас бидејќи уште еднаш покажува дека можеме да ги достигнеме и повисоките цели во нашата мисија да создадеме врвно вино кое добива и светска потврда“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба Тиквеш.
Оваа година натпреварот Chardonnay du Monde се одржа по 20-ти пат, а вината се оценуваат според типизираноста и интензитетот на аромите. Натпреварот се одржува со цел унапредување на вината од сортата шардоне и понуда на експертиза и поддршка за натамошна промоција и позиционирање на наградените вина на пазарот, во услови на огромна конкуренција на вина и сорти од целиот свет.