Македонско – турски бизнис форум

50

biznis-sorabotka-pixabay

Фото: Pixabay

Компании од областите ИТ и здравство од Измир се заинтересирани за инвестиции во Македонија. Претставници на околу 20 фирми од Измирската трговска комора од ИКТ и здравствени кластери денеска на бизнис форум и средби со македонски компании членки на Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) ги разгледуваат можностите за соработка, јавува Миа.

Покрај потенцијалите за инвестирање, ги анализираат и можностите за заедничко учество во европски проекти и настап на трети пазари, а конечниот ефект треба да биде зголемена трговска размена меѓу двете држави.

“Присутни се компании од Турција од ИТ областа кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија и да отворат свои претставништва, како и фирми од здравствениот сектор, производители на фармацевтски производи, медицински помагала да ги пласираат нивните производи тука. Како МАТТО стоиме на располагање да ги поддржиме во нивните намери“, изјави Марија Томевска, потпретседател на МАТТО.

МАТТО и Измирската трговска комора денеска склучија договор за соработка којшто, според Томовска, дополнително ќе ја зголеми трговската размена меѓу Македонија и Турција.

“Македонија и Турција во изминатиот период имаат создадено значителни стратешки врски, економската размена е на високо ниво и изнесува над 450 милиони евра. Сепак, сметаме дека со дополнителните врски што ќе ги воспоставиме со Измирската трговска комора и со другите комори од Турција ќе ја зголемиме трговската размена и ќе придонесеме за зголемени странски инвестиции од Турција“, рече Томевска.

Од Измирска трговска комора, исто така, очекуваат да се воспостави нова соработка помеѓу компаниите во насока на зголемување на трговската размена и економски развој.

“Се надеваме дека ќе имаме можност да воспоставиме соработка и контакти за компаниите од ИТ секторот и здравствените услуги и преку постигнатите добри резултати ќе придонесеме за соработката помеѓу двете земји, а во Турција ќе се вратиме со успешни резултати“, изјави Емре Илалан, член на Управниот одбор на Измирската трговска комора.

Пред претставниците на компаниите од Измир беа претставени детали за индустријата за здравствена заштита и процедурите за регистрација на лекови и медицински помагала во Македонија.

Претседателот на Асоцијацијата на приватни здравствени организации, Андрија Арсовски се надева дека со денешните средби ќе се отворат повеќе перспективи за соработка на македонските здравствени установи и за фирмите кои се занимаваат со дистрибуција и изработка на лекови.

“Со оглед на капацитетите кои ги има турскиот здравствен систем и турските компании мислам дека ова ќе биде само еден вовед во натамошна успешна соработка затоа што постојат многу можности кои треба да се искористат“, изјави Арсовски.