Фабриката за чоколади, вафли и бонбони, Европа од Скопје, донесе предлог одлука за распределба на добивката остварена во текот на минатата година.
“Нето добивката од 2016 година во износ од 23.558.449 денари да се распореди за: законски резерви од 1.177.922 денари, добивка за распределување од 22.380.527 денари, распределена добивка од 18.402.720 денари и нераспределена добивка од 3.977.807 денари“, стои во предлог одлуката.
Според предлог одлуката за определување на износ и датуми за исплата на дивиденда, нејзиниот бруто износ по акција ќе изнесува 80 денари.
Последен ден на тргување со право на дивиденда е 13-ти јуни, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 14.06.2017 година. Датум на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда е 16.06.2017 година.
Дивидендата, како што се наведува, ќе се исплати во законски предвидениот рок, а најдоцна до 30-ти септември оваа година.
Собранието на акционери на Европа ќе се одржи на 29-ти овој месец со почеток во 12 часот.