Фото: Facebook
Најголемиот синџир на ресторани за брза храна, Subway повторно е отворен во Хрватска. Новиот ресторан се наоѓа во трговскиот центар Арена во Загреб, пишува Franchising.hr.
Ресторанот се простира на површина од 56 метри квадратни и го нуди стандардното Subway мени.
“Добро знам како функционира секој процес во Subway и знам дека Subway добро работи каде и да е отворен, а нашата одлична работа во соседните земји е големо охрабрување и знак дека дојде време Subway да ги отвори вратите во Хрватска. Тоа е и главната причина поради којашто одлучивме да се преселиме во нова земја и да научиме нов јазик. Верувам дека моето искуство и подготвеност лично да го започнам овој бизнис на нов пазар е добра препорака за идните приматели на франшизата на Subway“, вели Владимир Ханула, Subway development agent за Хрватска.
Првата обврска што ја има примателот на франшизата е да пронајде добра локација за ресторанот. Вообичаено се препорачуваат локации на фреквентни места во централните градски подрачја или во трговски центри. Очекуваната инвестиција за отворање на Subway чини од 100.000 до 120.000 евра. Во овој износ е вклучена и цената на лиценцата, обука на вработените, реновирање, опрема и почетен наем на локалот, прво полнење и буџет за првите два до три месеци. Кога ќе се отвори ресторанот, примателот има обврска да одвојува 8% од прометот за редовен надоместок за франшиза и 4,5% за фонд за маркетинг.
Subway има 44.834 ресторани во 112 земји во светот. На хрватскиот пазар беше присутен од 2004 до 2009 година, преку фирмата Suber – sub, којашто држеше шест ресторани.