Медали за готвачи од ГастроМак во Измир

50

gastromak_natprevar-izmir

Тимот на Македонската асоцијација на готвачи и шефови – ГастроМак Македонија, освои три златни медали на годинешниот Прв интернационален гастрономски натпревар во Измир, Турција, којшто се одржа од шести до осми мај, 2017 година, стои во соопштението.

Тимот на готвачи на ГастроМак Македонија, составен од шеф Бобан Билбиловски, Лирим Даути и Цветанче Тодоровски, се натпреваруваа во категоријата приготвување на риба, при што со нивните кулинарски вешти и креативност ги задоволија највисоките критериуми на натпреварот и ги освоија симпатиите на интернационалното жири.

”Македонските готвачи уште еднаш покажаа и докажа дека можат да се носат рамо до рамо со високите стандарди во светската гастрономија. Уште повеќе, да иновираат, да експериментираат и да ги наметнат своите вкусови и кај најпребирливите и строги меѓународни судии”, изјави претседателката на асоцијацијата ГастроМак, Адријана Алачки.

Исто така, на Асоцијацијата ѝ беше укажана доверба, со тоа што на овој интернационален натпревар, како член на меѓународното жири, беше делегиран и еден од основачите на ГастроМак Македонија, Бесим Латифи, кој е лиценциран судија од WACS – Светската организација на шефови на кујни.

“Чест и задоволство е да се биде дел од една ваква манифестација и за мене лично, но е и признание за нашата Асоцијација”, изјави Латифи.

ГастроМак е национална асоцијација на готвачи и шефови на кујни во Македонија. Како национално здружение, ГастроМак ја претставува нашата држава како единствен претставник на Македонија во WACS, во која што членуваат национални асоцијации од над 150 држави во светот.