Volvo тестира автономен камион што ќе собира отпад

36

volvo1

Фото: Volvo

Компанијата Volvo Group заедно со шведската комунална компанија Renova почнаа да тестираат автономен камион за собирање на отпад во урбана средина. Исто така, ќе спроведат и истражување колку автономните возила може да придонесат за ефикасно и безбедно раководење со отпадот.

“Нашиот автономен камион за собирање на отпад е лидер на пазарот и е еден од неколкуте автономни иновации со кои работиме во моментов“, вели менаџерот за технологии во Volvo, Ларс Стенквист.

Автономниот камион е дизајниран за да се направи возењето побезбедно. Сензорите коишто се поставени на возилото го следат просторот и камионот веднаш запира ако се појави некаква пречка на патот. Секоја рута е програмирана и камионот се движи по зацртаната локација.

Возачот може да се фокусира на собирањето на отпад и не треба за секоја следна локација да се качува во кабината на камионот.

“Со користењето на оваа технологија, исто така, се намалува и ризикот од професионални повреди како повреда на коленото и зглобовите, што често се појавуваат кај работниците кои ја извршуваат оваа работа“, вели Стенквист.

Автоматизираниот систем што се тестира е истиот што е поставен во автономните камиони на Volvo коишто се користат во рудник во северна Шведска од минатата есен.