Фото: OOD
Монтажната куќа OOD, што се произведува во Естонија, е дизајнирана за потребите на хотелиерите, но и за сите оние кои сакаат викенд куќа на непристапни локации. Поради својата мала површина и лесна инсталација може да се монтира било каде, а за поставување во Естонија не е потребна градежна дозвола. Бидејќи предниот дел е обложен со огледала, природата се рефлектира на фасадата и луѓето кои престојуваат во неа добиваат прекрасен поглед, а истовремено е заштитена и нивната приватност, пишува Inhabitat.
Инсталацијата на куќата, којашто има површина од 18 квадрати, трае само осум часа, а чини 33.000 евра. Засега се испорачува само во Естонија, но компанијата планира да се прошири и на меѓународниот пазар.
Носечката конструкција на куќата е метална, а обложена е со специјални материјали коишто обезбедуваат пријатна температура во внатрешноста. Опремена е со кујна, дневна соба и купатило. LED осветлувањето и температурата на подното греење се одредува автоматски, а во иднина се планира куќата да биде и енергетска ефикасна.