Штедењето во денари ја зазеде главната позиција во валутната структура на депозитите прв пат по 2007

59

Централната банка објави дека штедењето во денари веќе почнува да доминира во валутната структура на депозитите, искачувајќи се на 50,7% учество. Досега заштедите во странска валута беа во поголем износ, но во последниот период граѓаните се повеќе штедеа во домашната валута, а тој тренд особено се забрза откако изби кризата во еврозоната. Но, наспроти растот на штедењето на граѓаните, паѓаат депозитите на компаниите.

„Во вториот квартал, депозитите на нефинансиските субјекти имаа минимален пад, како последица на падот на депозитите на претпријатијата. Интересот на домаќинствата за штедење во денари на подолг рок се засили. Анализирано историски наназад, за првпат од 2007 година, на крајот од вториот квартал од 2012 година депозитите во денари ја зазедоа главната позиција во валутната структура на депозитите, со учество од 50,7%“, се вели во соопштението од НБМ.

Банкарскиот систем во земјава е стабилен, потврдува уште еднаш монетарната власт во земјава. Нашите банки, не само што биле стабилни, туку и одлично профитирале во вториот квартал од годинава. Поточно, добивката што тие ја оствариле во тој период била за дури 70,8% повисока од онаа во истиот тајминг минатата година. Советот на Народната банка на Македонија на вчерашната седница констатирал дека за ваквата одлична профитна позиција на банките придонеле не само поголемиот износ на ослободената исправка на вредноста, туку и повисокиот нето каматен приход, како и подобрувањето на оперативната ефикасност на банките.

НБМ информира дека банките сега се помалку вложуваат во благајнички записи, хартии од вредност што ги издава централната банка, и дека нивните слободни пари се повеќе се вртат кон државните записи преку кои се задолжува државата, како и кон кредитирање на приватниот сектор.

„На квартално ниво, кредитите кон приватниот сектор беа зголемени. Ликвидната актива го задржа високото учество во вкупната, од 30,2%. Зголемувањето на кредитите кон приватниот сектор и зголемувањето на вложувањата во државни хартии од вредност придонесоа за пад на вложувањата во благајнички записи“, се вели во соопштението.

Кредитниот ризик на кој се изложени банките, искажан преку стапката на нефункционални кредити, се намалил во вториот квартал, поради зголемената наплата преку преземање на обезбедувањата. Солвентноста на банкарскиот систем била висока.

На седницата, Советот заклучил дека продолжувањето на неизвесноста на кризата во еврозоната, условил продолжување и на неповолните тенденции кај економската активност. Тоа укажува дека НБМ е се поблису до намалување на проекцијата за економски раст за годинава, која според нејзините последни анализи изнесуваше еден отсто, но сега се очекува дека ќе се движи меѓу нула и еден процент.

„Со оглед на високата трговска интегрираност на македонската економија во еврозоната, слабите економски остварувања и полошите прогнози за еврозоната, и понатаму упатуваат на намалена странска ефективна побарувачка за македонски производи и релативно послаба економска активност“, велат од НБМ.

Показателот за инфлациските движења во септември бил повисок од проекцијата, во услови на побрз раст на цените на храната од очекуваниот. Растот на инфлацијата произлегува од фактори од страната на понудата, па не се очекува дека тој ќе делува врз движењата на девизниот пазар. Најновите податоци од монетарната сфера укажуваат на малку понизок монетарен и кредитен раст во однос на очекуваниот.