Најдобрите 40 средношколци, од кои 30 на ниво на цела Македонија и 10 од Град Скопје, денеска се натпреваруваа за титула Microsoft Office Specialist на Македонија. Оваа титула е една од најпрестижните за младинците од 13 до 22 години на светско ниво, во ранг на познавачи на компјутерски вештини, стои во соопштението.
Полагани беа 1.205 квалификациски испити за Word, Excel, Power Point од MS Office 2013 и 2016, во две етапи кои ги исфилтрираа најдобрите 400 учесници. Четириесет од нив влегоа во финалето на вториот по ред Microsoft Office Specialist натпревар кои денеска се натпреваруваа во i-Bank store, концептуалната филијала на Стопанска Банка АД – Скопје. Најдобрата од нив, Драгана Јакимова ја понесе титулата Microsoft Office Specialist на Македонија.
“Оваа година, со второто издание на натпреварот за Microsoft Office Specialist, повторно дадовме голем предизвик на младите. Ова е важно за нас и нашето општество, пред сè заради ИТ писменоста, но и поради основата што мора да ја има секој млад човек, посебно во периодот на професионалната ориентација. Драгана Јакимова од ФИНКИ, се стекна со светски сертификат, а со сопственото знаење ќе ја преставува Македонија на светскиот натпревар во Калифорнија, САД. Се надеваме дека и оваа година ќе имаме висок пласман како и минатата. Нè чека уште еден предизвик”, изјави Валентина Тасева, претставник на Цертиадриа и генерален менаџер на Семос Едукација.
“И оваа година, посебно задоволство е да се биде дел од овој национален проект којшто овозможува младите да се презентираат себеси не само во своето училиште, во својот град и земја, туку и да ги измерат силите со деца од целиот свет. Му честитаме на овогодинешниот победник Драгана Јакимова и ѝ посакуваме успех на светскиот натпревар. Ако минатата година Марко, шампионот од Македонија, освои деветто место во Power Point, сакам да верувам дека за него и за неговиот ментор се отворени нови видици, но и предизвици а воедно се испраќа и позитивна порака за сите млади луѓе во земјата. Стопанска банка, во голем дел се потпира на информатичката технологија за својот успех и продолжува да инвестира во нова технологија и инфраструктура, но уште побитно и во млади вработени кои имаат и потенцијал и амбиции како вас. Финалисти, искрени честитки за успехот, остануваме на ваша страна и ви посакуваме многу успеси во справувањето со идните потфати. Токму затоа, за секој од вас, со оглед на тоа што се успеале да влезете во финалето на овој натпревар, Банката одлучи да обезбеди финансиска награда од 5.000 денари, кои се надеваме ќе ви бидат поттик за нови успеси во иднина”, изјави Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на УО при Стопанска банка АД – Скопје.
“Едукацијата е еден од најважните елементи на создавање на квалитет на живот. Град Скопје, секогаш бил и ќе остане поддршка за младите, затоа воопшто не се двоумевме да ја реализираме и поддржиме оваа идеја. Обезбедивме 250 испити за сите оние кои сакаа да го покажат своето знаење и потенцијал. Не застануваме овде, секогаш ќе бидеме дел од овие збиднувања каде се гради иднината на средношколците. Честитки за победникот”, изјави Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје.
“Најважното во едно општество е развојот на потенцијалот на младите, поттикнување да се истакнат нивните вредности и знаења, до оној степен на усовршување којшто во понатамошниот живот ќе им биде водилка до успехот. Препознавајќи го овој момент кај младите во Македонија, безрезервно како општествено одговорна компанија, подаривме 250 испити што ги донесе овие млади професионалци до ова финале. Само еден ја носи титулата, а преку него ќе се испрати важна порака дека упорноста е онаа која ќе ни донесе нови предизвици”, изјави Владимир Николиќ, регионален директор за Балканот и генерален менаџер на Лајкамобајл Македонија.
Патувањето во Калифорнија на светското првенство на Драгана Јакимова и нејзиниот ментор Павлина Атанасова, го обезбедија Стопанска Банка АД – Скопје, останатите шест финалисти добија ваучери од Семос Едукација во вредност од 5.000 денари и по една припејд сим картичка со активиран Макси пакет од Лајкамобајл.
Макпетрол, којшто покрај паричниот надомест во висина од 1.000 евра за купување на 1.200 квалификациски испити за сите учесници, обезбеди и последна генерација на лаптоп компјутер за носителот на титулата Microsoft Office Specialist на Македонија.
Вториот Национален натпревар е реализиран благодарение на поддршката од страна на: Министерство за информатичко општество и администрација на Република Македонија, Семос Едукација, Microsoft Македонија, Здружението на Информатичари на Македонија, Стопанска Банка АД – Скопје, Лајкамобајл Македонија, Град Скопје, Макпетрол, Масит, Архивскиот центар Инбох и Метрополис Радио Мрежа.