Осигурителната компанија Сава Осигурување веќе 10 години работи на македонскиот пазар. Како дел од словенечката групација Сава Ре, компанијата добива одлична реосигурителна поддршка, пристап до нови осигурителни продукти и трендови, сигурност, искуство и перспектива за воведување разни новини.
“Сава во последните неколку години e иноватор во делот на креирање на нови производи. Ги следиме потребите на пазарот, ги следиме потребите на нашите осигуреници. Модерно, ефикасно и брзо. Веруваме дека тоа е вистинскиот начин. Целта ни е да понудиме единствени решенија за нашите осигуреници и севкупното работење да биде во духот на нашиот слоган – Никогаш сами!”, вели Петер Скварча, извршен директор на Сава Осигурување.
БИ: Се поактуелни стануваат темите поврзани со осигурувањето. Какво е вашето мислење? Каде е осигурувањето во Македонија, каде сте вие на пазарот?
Задоволни сме од развојот и позицијата на пазарот. Со годините успеавме да се позиционираме како едно од друштвата кои се стабилни и кои успеваат вистински да придонесат со квалитетна услуга и производи. Сава како компанија е лидер на пазарот во бројот на продадени полиси. Радува фактот што сиот овој труд и стремеж кон квалитет, брзина, како и модерни решенија е распознает кај осигурениците. Нормално, исплатата на штетите е уште една причина за довербата која ни ја даваат осигурениците псоледните 10 години. Целиот фокус ни е кон клиентот. Секој еден од нив ни е важен. Целта ни е да продолжиме со оваа динамика и да дојдеме до 15% учество на пазарот, како и да (о)станеме компанија која е најдобра на пазарот. Одговорно тврдам дека во многу сегменти, веќе сме пазарни лидери. Нашите апетити се големи, ќе се стремиме кон тоа да станеме играчи кои го менуваат пазарот.
Инаку ова е доста интересен пазар. Пазар кој не трпи да биде потценет. Осигурениците се доста информирани, знаат што бараат. Предизвик е да се одговори на ваков пазар.
БИ: Дали се соочувате со некои поголеми проблеми? Дали сметате дека може повеќе?
Пазарот по бројот на жители е скоро идентичен како пазарот во Словенија. Но, станува збор за многу различни пазари по осигурителна премија, со други зборови, македонскиот осигурителен пазар е 20 пати помал од словенечкиот. Тука е и болката која ни е позната на сите веќе подолг период – нискиот животен стандард. Затоа имаме поимување на осигурувањето како луксуз, а не како потреба. Се надевам во скоро време ќе се променат работите и дека ќе имаме една поинаква средна класа, која ќе има потреба од сè поголем број на продукти за осигурување.
Нелојалната конкуренција е уште еден проблем. Се трудиме и во овој дел да придонесеме, да соработуваме со осигурениците, потенцирајќи ги предностите за изборот и да им обрнеме внимание на разликите. Верувам и ова ќе се промени со текот на времето.
БИ: Како компанија која веќе 10 години работи на овој пазар, каков е вашиот фокус? Дали имате некои планови, продукти што ги воведувате за скоро време?
Сава во последните неколку години e иноватор во делот на креирање на нови производи. Ние сме единствената осигурителна компанија која има своја асистентска куќа за домашната асистенција. Во моментов работиме на проект за нулта хартиено работење. Се трудиме да ги унапредиме процесите во компанијата, во исто време и понудата на производите да ја збогатиме и приближиме до корисниците. Би ги споменал следните новини за кои бевме први на пазарот – каско за стари возила, домашна и патна асистенца, ние сме и единствената компанија која има виртуелен шалтер каде само со еден телефонски повик пријавувате штета, добивате директна информација за секое прашање. Како еден од посупешните проекти е и оналјн продажбата на полиси. Ги следиме потребите на пазарот, ги следиме потребите на нашите осигуреници. Модерно, ефикасно и брзо. Веруваме дека тоа е вистинскиот начин.
Целта ни е да понудиме единствени решенија за нашите осигуреници и севкупното работење да биде во духот на нашиот слоган – Никогаш сами!
Мислам дека последните пет години се издвоивме како компанија која води, која е иноватор. Нашиот фокус е кон квалитетна услуга и со истото планираме да продолжиме и во наредниот период. Најважно ни е да го задржиме задоволството кај клиентите, квалитетот на услугата и стабилноста по која сме препознатливи. Немаме желба да бидеме најголеми, нашата цел е да бидеме најдобри.
БИ: Како се гледате себе си како компанија? Дали имате потенцијал за работа како добра компанија?
Мислам дека е сменета перцепцијата на компаниите во овој сегмент. Ние веќе не го доведуваме во прашање дали да се даде предност на едното или другото, тоа се подразбира. Важно ни е да сме компанија која придонесува кон општеството во кое секојдневно работиме. Во последните години работиме со социјално ранливи категории на граѓани, даваме несебична поддршка на самохраните родители, бездомниците, како и децата кои се згрижени во разни форми на центри. Даваме поддршка и на развојот на спортот, стоиме позади многу таленти и се стремиме вистински да придонесеме во сите сфери на секојдневието.
Веќе оформивме и здружение Сава Спорт+. Целта на ова здружение е токму тоа. Годинава го организираме и првото Сава летно кино, кино на отворено, бесплатно и достапно за сите.
БИ: Дали имате некој интерес или план за проширување со друштво за осигурување на живот?
Нашиот доминантен сопственик, најголемото друштво за реосигурување во југоисточна Европа, Сава Ре, дефинитивно размислува за проширување на своите активности на овој пазар. Пред сè, тука се интересни проекти кои се поврзани со пензиски и енергетски систем, како и проекти поврзани со здравството. Пазарот нуди можности, а групацијата има know-how кое успешно може да се искористи.
БИ: Доста интересен пристап, морам да признаам. А и голем предизвик за вас како прв човек. Како се справувате со сето ова, имате ли време за себе?
Предивизик е, да. Споменав на почетокот, ова е пазар кој бара од вас да бидете спремни, на штрек што би се рекло. Среќен сум што имам одличен тим позади себе, луѓе кои се полни со знаење, размислуваат вон границите, некогаш и премногу :). Одлично е чувството да ве поведе целиот ентузијазам од ваков тим.
Време за себе, да, се наоѓа.