Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп донира средства за нова опрема и реновирање на основното училиште Коле Неделковски од општина Центар со цел подобрување на условите за учење на децата и за работа на наставниот кадар. Замена на старите подови, нови врати, варосување на ѕидовите, реновирање на училишната библиотека, поставување ограда околу училишното игралиште, набавка на географски карти, смарт-табла, нови клупи и столчиња за првачињата, лаптопи и прожектори е само дел од проектот кој го финансира оваа компанија во износ од 60.000 долари.
„Придонесот кон заедницата е исклучително важен за Филип Морис. Развивање и поддршка на проекти кои ќе донесат вистински и одржливи промени во општеството, особено подобрување на условите за образование се наш посебен фокус во Македонија. Обезбедувањето на средствата за реновирање и нова опрема на ова училиште кое со години остварува врвни резултати на сите државни натпревари, е во склоп со нашата, компаниска филозофија за вложување во образование и создавање еднакви можности за сите. Верувам дека ова е само првиот чекор кон многу позначајни промени понатаму“, изјави Михаел Солтер, генерален директор на ФМТКП.
„Особено сме благодарни на компанијата Филип Морис за нивната донација со што значително ќе се подобрат условите за образование во нашето училиште затоа што станува збор за големо реновирање и тоа на суштински делови, кои често претставуваа потенцијална опасност. Ова е прв пат после долги години да се изврши вака обемно реновирање на училишната зграда. Тоа позитивно ќе влијае и на образовниот процес и на условите за работа на наставничкиот кадар“, изјави директорката на училиштето Светлана Масларевска.
Работите околу реновирањето, кое се реализира преку Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), започнаа на почетокот на овој месец и ќе бидат завршени до крајот на август, така што училиштето ќе ги отвори своите врати за децата во новата учебна година во сосема нови услови што ќе ги израдува и децата и родителите.