
Западен Балкан доби 3,4 милијарди евра финансирање од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за стратешки патни проекти од 2004 година, како што е нагласено во Извештајот за влијанието на ЕИБ Глобално за 2025 – 2026 година што ги покрива операциите на банката надвор од Европската Унија. Финансирањето овозможи надградба и развој на 37 стратешки проекти за патна инфраструктура во регионот и помогна при мобилизирање 6,9 милијарди евра вкупни инвестиции.
Поддршката од ЕИБ придонесе за надградба на повеќе од 4.700 километри примарни и секундарни патишта во Западен Балкан. Околу 1.600 км од вкупниот број се дел од приоритетната Трансевропска транспортна мрежа (TEN-T) на ЕУ што минува низ регионот. Во 2025 година, ЕИБ потпиша договори за големи патни и железнички проекти, како што е модернизацијата на железницата во Албанија долж Коридорот VIII, со што се поттикнува преминот кон поеколошки транспорт, истовремено создавајќи работни места и поддржувајќи ја трговијата.
Проектите исто така имаат придобивки од пристапот „Тим Европа”, кој комбинира поволно финансирање, грантови од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и техничка експертиза.
„ЕИБ има долгогодишна посветеност на надградба на транспортната инфраструктура низ целиот Западен Балкан”, рече директор на ЕИБ за работењето во земјите од проширувањето и соседството на ЕУ Ричард Амор. „Подобрата транспортна поврзаност резултира со пократко време на патување, пониски трошоци за транспорт и подобрен пристап до пазарот, помагајќи во зајакнувањето на регионалната интеграција, привлекувањето инвестиции и поддршка на одржливиот раст”.
До крајот на 2025 година, ЕИБ ја исполни својата обврска да поддржи инвестиции во вредност од 100 милијарди евра во рамките на стратегијата „Глобална порта” на ЕУ, која има за цел да мобилизира до 300 милијарди евра до 2027 година за стратешки инвестиции низ целиот свет. На пример, во рамките на оваа иницијатива, ЕИБ потпиша договор за заем од 150 милиони евра за надградба на патната мрежа на Србија со цел подобрување на поврзаноста, безбедноста и отпорноста на климатските промени.
Пошироко, во 2025 година, ЕИБ потпиша договори за финансирање во вкупен износ од 1,3 милијарди евра за проекти во повеќе сектори во земјите–кандидатки за ЕУ (со исклучок на Украина) или други земји од „Источното соседство“. Откако ќе бидат завршени, овие проекти ќе генерираат доволно електрична енергија за снабдување 1,7 милиони домаќинства, ќе го подобрат пристапот до здравствена заштита за 1,2 милиони луѓе и ќе поддржат 1,1 милион дополнителни патувања со јавен превоз годишно.
Во 2025 година, Групацијата ЕИБ, исто така, продолжи со спроведувањето на својот „Патоказ на климатската банка” со обезбедување 5,1 милијарда евра финансирање за климатски активности и еколошка одржливост надвор од ЕУ. Клучните зелени инвестиции во Западен Балкан вклучуваат финансирање ветерна фарма во Босна и Херцеговина и железнички проекти во Албанија и Црна Гора.
Заедно со финансирањето, ЕИБ обезбедува техничка помош за да им помогне на земјите да ги интегрираат климатските ризици во планирањето на проектите и да го забрзаат спроведувањето на зелените инвестиции. Преку програмата за техничка помош на ЕИБ Зазеленување на финансиските системи, ЕИБ ги поддржува Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија во развојот на рамки за климатски ризици, унапредувањето на националните зелени таксономии и зголемувањето на зелените инвестиции кај малите и средни претпријатија.













