Истражување во Црна Гора: На раководни позиции во компаниите доминираат мажи

32

menadzeri

Фото: Pixabay

Истражувањето на Унијата на работодавачи на Црна Гора за жените менаџери во компаниите во оваа земја за годинава, покажа доминација на мажите во однос на жените на сите нивоа на управување и раководење во компаниите, освен на средно ниво на менаџмент, јавува РТЦГ.

Според истражувањето, жените на различни нивоа на управување и раководење со компании се најприсутни на средно ниво на менаџмент, 50,1%, на ниско ниво 43,3%, а на високо менаџерско ниво 42,9%. Најмалку жени има на највисокото ниво на менаџмент, 36,6%.

Жените се сопственички во 10% од компаниите од примерокот, додека во 11% компании, жените управуваат и ги контролираат активностите на фирмата. Најголем процент жени вработуваат малите компании, 46,54% и тоа фирми што примарно се занимаваат со здравствена и социјална работа, финансиско посредување и трговија на големо и мало.

Анализата покажува дека жените во компаниите доминантно се застапени на позиции менаџер за комуникации и односи со јавноста, 82,1% и менаџери за човечки ресурси, 75,6%.

“Во само 26,4% претпријатија во Црна Гора, жените се на позиција генерален директор. Притоа, поголема е можноста жена да биде главен извршен директор во компанија која припаѓа во секторот мали и средни компании. Жени претседатели на управни одбори имаат само 6,1% компании”, велат од Унијата на работодавачи.

Во истражувањето учествувале 100 компании, од кои 41% се од категоријата мали, 39% средни и 20% големи компании. Истражувањето е спроведено од 1 до 26 јуни.