Алкалоид првите шест месеци од годинава ги заврши со добивка од 361,7 милиони денари

30

alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид, во период од први јануари до 30-ти јуни оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка во висина од 361.750.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

“Остварената консолидирана нето добивка во 2017 година изнесува 361.750.000 денари и во споредба со остварената во 2016 година бележи зголемување од 9%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Во првото полугодие од минатата година, компанијата прикажа добивка од 326.436.000 денари.

Вкупните приходи од продажба во периодот јануари – јуни 2017 година достигнаа вредност од 4.554.009.000 денари. Од тој износ, на домашен пазар е направена реализација од 1.770.996.000 денари, додека поголемиот дел од 2.783.013.000 денари е остварен преку продажба на странски пазар.

Од вкупните консолидирани продажби, како што се наведува во Образложението, 61% се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: В.Британија раст од 1.702%, Русија раст од 24%, Романија раст од 52%, Словенија раст од 24%, Унгарија раст од 1.795%, Украина раст од 33%, Црна Гора раст од 17% итн.

Во текот на првите шест месеци од оваа година, во Алкалоид се реализирани 54 нови вработувања во Македонија.