Сарафимова: Макпрогрес има постојан мотив за развој на нови производи по светски стандарди

164
aleksandra-serafimova
Александра Сарафимова – технолог во Макпрогрес

Александра Сарафимова – технолог во Макпрогрес, зборува за процедурите на проверка и потврда на квалитетот на производите во една од најуспешните македонски кондиторски компании. Од фабричките погони на Макпрогрес излегуваат производите од брендовите: Винчини, Натура, Сончева Долина и Армониа.

Макпрогрес во последните три години инвестира осум милиони евра во нови производствени линии. Околу 80% од производството оди на странските пазари или во бројки тоа се околу 19 милиони евра годишен извоз на прехранбени производи коишто излегуваат од погоните на фабриката. Тоа ја истакнува компанијата како најголем извозник на прехранбени производи од Република Македонија.

БИ: Каква е процедурата за проверка и потврда на квалитетот на производот пред да се пушти во продажба?

Откако конечно ќе биде дефинирана рецептурата на новиот производ потребно е да се дефинира и да се потврди неговиот рок на траење како и квалитет. Прво потребно е да се изработи производ на мала шаржа во исти услови како на линијата. Се земаат примероци од секоја шаржа и поединечно се анализираат по денот на производство. Производот се складира на различни услови и температури со цел да се види постојаноста на квалитетот. Во текот на складирањето за да се направи валидација на рокот на траење се прават микробиолошки анализи, хемиски и органолептички анализи коишто опфаќаат анализа на вкус, мирис и текстура на производот. Овие анализи се прават неколку пати месечно. Добиените резултати се анализираат од страна на проектниот тим, се потврдува севкупниот квалитет на производот и на крај се утврдува рокот на траење. Овој тек на валидација на производот важи и за постоечките производи на линијата на кои што им е потребна модификација.

БИ: Малкумина од потрошувачите знаат како се произведуваат нивните омилени слатки. Можете ли да ни го објасните целиот процес на производство на Винчини тортички?

Помеѓу широката палета на производи кои ги произведува Макпрогрес се и Винчини тортичките. Тие се меѓу првите производи коишто Макпрогрес започна да ги пласира по земјите ширум светот. Овој производ спаѓа во групата на пандишпан производи коишто во себе содржат два слоја на пандишпан, помеѓу кои има слој од фил, а во некои случаи и џемот претставува дополнителна компонента.

Во кратки црти, процесот на производство започнува со подготовката на соодветно селектирани суровини кои секако претставуваат основа за добивање на еден производ со врвен квалитет. Како прв чекор во производниот процес е мерење на суровините по зададена рецептура и нивно понатамошно мешање по одредени фази. Следен технолошки процес претставува процесот на печење на претходно добиената хомогена смеса, во којшто од исклучителна важност се параметрите на печење. По печењето и ладењето на пандишпанот, тој е подготвен за следните процеси на филување, сечење, чоколадирање и на крај пакување.

БИ: Со оглед на барањата за здрава храна од страна на потрошувачите, кои производи ги нуди вашата компанија и какви нутритивни тврдења содржат тие?

Сè поголемата ориентираност на потрошувачите кон здрава храна во поново време, е една од причините нашата компанија да создаде производи под брендот Natura. Под овој бренд се содржани производи поделени во неколку групи како: мусли, оризови галети, пченкарни снегулки, житарки, семиња, сушено овошје, експандиран ориз. Овие производи содржат голем број на макро и микронутриенти, односно нутритивните тврдења коишто ги поседуваат најчесто се нагласени како: производ богат со витамини, минерали, протеини, растителни влакна, омега масни киселини и полифенолни соединенија. Тоа се и производи без генетски модифицирани состојки, без додаден шеќер, без глутен, со ниска содржина на масти, без вештачки бои и ароми. Нутриентите коишто ги содржат имаат здравствени придобивки врз човековиот организам што можат да се почувствуваат со редовна консумација.

БИ: Конкуренцијата во прехранбената индустрија е огромна. Успехот бара постојани инвестиции во модерна технологија и во нови производи. Колку често и како креирате нови производи?

Во изминатите години Макпрогрес има големи вложувања во технологија и опрема, со единствена цел да го зголеми квалитетот и квантитетот на производството. За да се претставиме на новите пазари и да ги задржиме постојаните, мора секогаш да понудиме производ којшто ќе биде во тренд со светските барања. Со таа цел ние си поставивме задача, секоја година да имаме по неколку нови производи, наменети за домашните и странските пазари. Па, токму ова следење на светските трендови со посета на многубројните саеми за храна и задоволувањето на барањата на потрошувачите се еден од мотивите за развој на нов производ. Идејата за нов производ многупати може да се роди и спонтано па, тогаш потребно е само работа и добро осмислена стратегија за да на крај бидете горди кога ќе го видите производот во рацете на потрошувачот.

БИ: Кажете ни малку повеќе за ISO стандардите за квалитет коишто Винчини ги применува во процесот на производство?

За да ја задржиме довербата кај потрошувачите, да го зголемиме квалитетот на севкупното работење а, и за да добиеме меѓународна гаранција Макпрогрес ги има воведено HACCP принципите и ISO стандардите како што се ISO 9001, ISO 14001 а, во иднина се планира имплементација на ISO 22000. Со ISO 9001 дефинирани се барањата коишто се однесуваат за производство на квалитетен производ, додека пак со ISO 14001 стандардот дефинирани се барањата што се однесуваат на заштита на животната средина. Освен ISO стандардите, исто така, го воведовме и IFS FOOD стандардот којшто е меѓународен стандард за квалитет и безбедност на храна и е еден од главните механизми со помош на којшто се олеснува пристапот на пазарот во Европската унија. Исто така, ги поседуваме и стандардите за храна на посебните етнички заедници како HALAL и KOSHER.